Лицата кои останале без работа во периодот од 11 март до 30 април годинава, без разлика колку време биле во работен однос, можат да остварат право на паричен надоместок во висина од 50 отсто од месечна нето плата што работникот ја примил во последниот месец. Висината на платата не може да биде повеќе од 80 отсто од последната, просечна, месечна нето плата по работник исплатена во државава.

-Овој надомест се исплќа во случај кога работниот однос престанал со давање на писмена изјава од страна на работникот, ако спогодбено му престанал работниот однос или ако престанал со отказ од страна на работодавачот, во периодот од два месеца, сметано од престанокот на работниот однос, соопштија од Владата.

Оваа Уредба ја донесе Владата на синоќешната седница, со законска сила, со која  се изменува и дополнува Уредбата за примена на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, за време на вонредна состојба. Целта е да се обезбеди материјално обезбедување и на невработени лица на кои работниот однос им престанал, не по нивна вина и волја.

Управата за јавни приходи деновиве информира дека на 16.546 компании со 103.307 вработени веќе им е одобрена финансиска поддршка за исплата на плати за месец април 2020. Вкупниот износ на поддршката изнесува 1.447.278.909 денари.

Владата на последната седница информира и дека, од Јавниот повик за кредити од Кредитната линија од Компензационите фондови од странска помош, со цел намалување на последиците од корона вирусот, преку Развојна банка, на 117 компании кои вработуваат 3.001 лица, веќе им се одобрени кредити во вкупен износ од 2 милиони евра. Од овие 117 апликанти, 58 или 50 отсто се компании до 10 вработени, 43 или 37 отсто имаат до 50 вработени и 16 или 14 отсто се компании до 250 вработени.