Лица со инвалидитет ја минаа ноќта пред Влада: Да бидеме сложни како политичарите и да се избориме за покачување на примањата!

by fokus

Повеќе лица со инвалидитет ја поминаа минатата ноќ пред Влада, пренесувајќи ја пораката дека не отстапуваат од својата борба за правда.

Протестот на кој се бара зголемување на примањата на лицата со попреченост за 78 проценти има мото ,,Социјална правда, без дискриминација”. Освен зголемување на примањата на лицата со попреченост, учесниците бараат зголемување и на пензиите и платите на сите граѓани за 78 проценти, за колку што политичарите си ги зголемија своите примања.

-Ние не бараме мислостина, туку права и правда за сите граѓани! Зголемување на примањата за 78 проценти, исто како што политичарите сложно си ги зголемија своите примања. Не сме жртви, туку сме борци, затоа ги повикуваме сите кои се гледаат себе како борци да ни се придружат на протестот. Ова не е партиски протест, туку граѓански протест за чест, правда, достоинствен живот за сите нас. Ние остануваме пред Влада и продолжуваме со борбата – порача граѓанскиот активист Благојчо Ѓоргиев, кој е лице со телесна попреченост.

Чести се реакциите на лицата со попреченост околу висината на нивните примања кои не се доволни ниту за основните потреби. ,,Фокус” во повеќе наврати објави сведочења на лица со попреченост, но и на родители на деца со попреченост, кои отворено прашуваат како може да се преживее со помош од 5.000 или 7.000 денари месечно, а при тоа да се има квалитетен живот.

Потсетуваат на цените на основните продукти, но и на цените на специфичните здравствени услуги и терапии кои им се неопходни. Во многу наврати се апелира и за непристапноста на лицата кои користат помагало за движење и се принудени да живеат во четири ѕида, за недостатокот на дневни центри, како и се бара генерална поддршка на повисоко ниво.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости