Поради лошите временски услови, проследени со постојани врнежи, настанот „Читањето е супермоќ“, закажан за утре (17 јуни, сабота) во 11 часот, наместо на Школка во Градскиот парк, ќе се одржи во затворен простор, поточно во „Литература.мк суперстор“ во „Ист гејт мол“ во Скопје.
На литературно-музичкиот настан ќе бидат наградени победниците на литературниот и ликовен конкурс „Читањето е супермоќ“, што беше спроведен во основните училишта во целата држава. На е-адресата на „Арс Ламина“ пристигнаа 150 литературни и 330 ликовни творби од ученици од прво до деветто одделение. За најдобрите одлучи стручно жири. Во литературниот дел: Горјан Петревски (писател за деца), Анета Велкоска (библиотекарка, наставничка, писателка), Татјана Димовска-Атанасова (уредничка во „Арс Ламина“) и Марија Богоеска (уредничка на изданија за деца и списанија). Во ликовниот дел: Калиопи Трпчева (илустраторка и академски сликар), Тони Шулајковски (академски сликар и ликовен педагог), Анета Илиевска (графичка дизајнерка во „Поинтер“) и Ана Несторовска-Саздовска (уредничка на списанијата за ученици „Прв детски клик“ и „Детски клик“).
На програмата се изведби на ученици од неколку скопски основни училишта, како и ексклузивен настап на детскиот фестивал „Поточиња“. За време на настанот познатата илустраторка на книги за деца, Калиопи Трпчева, ќе нацрта дело инспирирано од кампањата „Читањето е супермоќ“, поттикнувајќи ги учениците да ги раскажуваат приказните и преку цртеж. Целите на кампањата „Читањето е супермоќ“, што издавачката куќа „Арс Ламина“ ја спроведува веќе петта година по ред, се поттикнување на читањето и унапредување на читачките вештини, подигнување на јавната свест за значењето на читањето од најмала возраст, негување на мајчиниот јазик, поддршка на децата со тешкотии во читањето и друго.
Оваа година, во соработка со скопските општини, „Арс Ламина“ организира серија едукативни презентации за претставниците на основните училишта (директорите, библиотекарите и наставниците) како поддршка на наставната програма со понуда на конкретни методи, алатки и стратегии за поттикнување на читањето. Во рамките на оваа соработка со општините, „Арс Ламина“ донира вкупно 5.800 книги, односно по сто книги (лектири, лектирни читанки, збирки, вежбанки и нагледни средства) во библиотеките на 58 скопски училишта, кои се вклучија во кампањата.
Литературно-музичкиот хепенинг „Читањето е супермоќ“ е завршен настан на истоимената кампања за оваа учебна година. Ве очекуваме!
ПР текст