Заменик министерот за економија Марјан Ристески денеска објави дека листата на производи од акцијата „Новогодишна кошница“ е зголемена на повеќе од 900 производи.
– Интересот за приклучување на компаниите во акцијата „Новогодишна кошница“ расте, за една недела листата на производи се зголеми од 650 на повеќе од 900 производи, напиша Ристески на социјалните мрежи.
Тој најавува дека од задутре, кога почнува акцијата па до 15 јануари граѓаните ќе можат да купат повеќе од 900 производи од 83 компании кои тие самите ги понудиле, со пониски цени од најмалку 10 проценти.
Ристески се заблагодарува на компаниите кои се дел од акцијата (производители, дистрибутери и маркети), кои, како што нагласува, излегоа во пресрет на повиците на јавноста и на дело ја покажуваат нивната општествена одговорност.
– Листата на производи не е затворена и сите заинтересирани можат да се пријават со свои производи на info@mojakosnica.mk. Апелирам компаниите доследно да ја почитуваат акцијата која што самите ја креираа, а доколку граѓаните имаат забелешки да ги пријават до Државниот пазарен инспекторат на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страната www.dpi.gov.mk, наведува Ристески во објава на Фејсбук.
Производите на листата кои ќе бидат понудени на полиците во трговските ланци ќе бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.
Акцијата „Новогодишна кошница“ ќе се спроведува заклучно со 15 јануари 2025 година. Граѓаните може да пријават неправилности на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страна на ДПИ www.dpi.gov.mk, на која е достапна и листата со производи.