Лионел Меси оди во Америка, преминува во Интер Мајами

by Fokus

Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси ја продолжува кариерата во американската професионална лига,  каде ќе настапува за Интер од Мајами.

По две сезони минати во француски Пари Сен Жермен, поранешниот играч на Барселона реши да ја одбие попрофитабилната понуда на Ал Хилал од Саудиска Арабија, каде што настапува неговиот најголем ривал, Португалецот Кристијано Роналдо.  Договорот од Мајами вклучува соработка на брендови како Адидас и Епл.

Меси седум пати ја освојуваше Златната топка, што значи дека е прогласен за најдобар играч на светот, а се очекува и оваа година да ја добие откако со Аргентина ја освои титулата светски првак на Светското првенство лани  во Катар.

Ова ќе биде првпат во кариерата Меси да игра надвор од Европа во сениорска конкуренција. Тој сакаше да остане уште една сезона во Европа, но бидејќи не доби задоволителни понуди, имаше избор помеѓу Интер Мајами или Ал-Хилал.

На Меси му се допадна понудата на Интер Мајами , а  тој веќе поседува куќа таму која моментално ја издава.

Тој сакаше да се врати во Барселона ова лето, но ограничувањата за финансискиот фер-плеј што ќе бидат во сила за следната сезона во шпанската лига значеше дека тоа ќе остане сон за многу фанови.

Во двете сезони на Меси во Пари Сен Жермен, клубот го освои францускиот шампионат. Двегодишниот договор на Меси истече ова лето, а двете страни се договорија секоја да продолжи по својот пат.

Поради неодобрено патување во Саудиска Арабија, клубот го суспендираше на две недели во мај, кога стана јасно дека Меси ќе го напушти ПСЖ. Тој ја напушти Барселона во 2021 година, по 21 година минати во клубот.

Меси е рекордер на Барселона со 672 гола, освоени десет  титули во шпанскиот шампионат, четири европски шампионски титули и седум шпански купови.

Поврзани новости