Групацијата Лимак започнува да ја спроведува иницијативата Global Engineer Girls (GEG) во Северна Македонија, заедно со стратешките партнери – Министерството за образование и наука и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Основна мисија на GEG иницијативата е да обезбеди ефективна поддршка за девојките и младите жени кои сакаат да бидат инженери да стекнат соодветно практично искуство и да изградат кариера во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката, позната како СТЕМ област.
За да ја исполни оваа мисија, GEG North Macedonia ќе обезбеди стипендии за девојки кои се запишале и студираат на инженерски факултети на државните универзитети во земјава (https://northmacedonia.globalengineergirls.com/about). Дополнително, GEG ќе обезбедува и програми за менторство и развој на вештини, како и можности за практикантска работа за младите жени – инженери. Процесот на аплицирање ќе започне на 19 декември 2022 и ќе трае до 8 јануари 2023 година.
Целта на овие активности е да се намали постојниот родов јаз во СТЕМ областа во земјава, со тоа што ќе се зголеми учеството на жените во овие сектори и занимања кои историски се доминирани од мажите. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика се проценува дека Северна Македонија годишно губи 16 % од БДП како резултат на родовиот јаз. Целта на GEG е да ја унапреди свесноста за родовота еднаквост во општеството и да ги охрабри компаниите да го променат нивниот однос кон родовиот јаз во нивните организациски структури.
„Со голема гордост можам да го најавам почетокот на GEG North Macedonia. За Групацијата Лимак е од големо значење да придонесе во земјата во која сме добре дојдени. Драго ни е што ќе имаме можност да им помогнеме на многу млади жени да ги развијат своите таленти и целосно да го искористат својот потенцијал во СТЕМ областа. Се надевам дека GEG ќе обезбеди придонес за понатамошен одржлив развој на економијата и општеството во Северна Македонија“, изјави Ебру Оздемир, претседателка на Групацијата Лимак и основачка на Global Engineer Girls и додаде: „Искуството во Турција ни покажа дека оваа програма придонесува за професионалниот и личен развој на младите кандидатки во областа на инженерството. Сега е време ова искуство да се сподели со младите во Северна Македонија“.
„Една од стратешките определби во работата на Програмата за развој на Обединетите нации е партнерството со приватниот сектор. Особено сме горди на регионалното партнерство со Групацијата Лимак кое се реализира во правец на поактивно вклучување на студентките во СТЕМ областите и нивна поддршка во текот на образовниот процес. Оваа иницијатива е од особено значење за јакнењето на родовата еднаквност, како едно од начелата на целите на одржливиот развој и економското зајакнување на жената на пазарот на трудот“, велат од канцеларијата на УНДП во земјава.
За исполнување на овие цели GEG North Macedonia развива партнерства со меѓународни организации, со државни и образовни институции и организации од граѓанскиот сектор.
Global Engineer Girls е меѓународна филантропска иницијатива која започна да се реализира во 2015 година во Турција. Главна инспирација за нејзиното покренување беше организациската култура на Групацијата Лимак и личните заложби на претседателката на групацијата, Ебру Оздемир, за зголемување на застапеноста на жените во СТЕМ областа.
ПР текст