Обвинителката Лиле Стефанова денеска беше избрана за обвинител во Републичкото обвинителство, односно стана еден од десетте заменици на републичкиот јавен обвинител.
На ова оозиција уште неколку дена е обвинителот Љубомир Јовески, бидејќи мандатот му истекува на 25 декември.
Стефанова беше дел од тимот на СЈО, а до пред изборот работеше во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Таа покрај долгогодишното искуство, е позната по предметите кои дигнаа голема прашина во јавноста, како ,,Империја” и,,Плацеви на Водно”, а кои завршија со осудителни пресуди за обвинетите. Исто така во овие предмети беше извршена и конфискација, односно беше одземен имотот на братучедите, екс премиерот Никола Груевски и екс директорот на УБК Сашо Мијалков.
Таа е обвинител и во предметите ,,Титаник”,,,Траекторија”, ,,Маџар Телеком”.
На денешната седница на Советот на јавните обвинители за обвинител во Републичкото обвинителство е избран и Наум Паноски. Тој пред две години стана виш обвинител, а претходно работеше во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Валентина Вурмо