Ликовните педагози против спојување на ликовно и музичко: Царовска одби да учествува на ТВ дебата со нас

by fokus

Иницијативниот одбор на ликовни педагози има дијаметрално спортивни ставови со Министерството за образование во однос на новата концепција за основно образование, инфомираат од Иницијативниот одбор. Тие се против спојување на предметите Ликовно образование и Музичко образование.

-Наше мислење е дека со вакви промени би се изгубила суштината на двата предмети од аспект на учениците и наставниот процес. Во однос на ликовно образование сметаме дека е потребна поголема застапеност на часовите, но и промена на моделот и програмата. За целосно развивање на креативниот потенцијал на учениците потребно е ликовното образование да биде редовен предмет со два блок часови неделно, од 1-9 одд. Исто така многу важно е ликовните педагози да бидат вклучени во наставата од четврто одделение со цел заедно со одделенскиот наставник да ги препознаваат и насочуваат потенцијалите за сите професии поврзани со визуелната уметност, велат од Иницијативниот одбор.

Тие укажуваат дека во одредена мера новиот концепт има делумно неточни претпоставки, бидејќи, како што велат, не е точно дека нашите ученици се премногу оптоварени, туку напротив, македонските ученици спаѓаат во најмалку оптоварените по број на часови и предмети во Европа.

-Оптовареноста, според нас, е во содржините и несоодветните програми, а особено во застарениот и неадекватен наставен процес и методички пристап, а не во бројот на часови и предмети. Тоа, конкретно се огледа и во предметот Ликовно образование. Имено, во ЕУ овие предмети се застапени во просек од 2 до 4 часови. Предметот со кој се развива креативноста – Ликовното образование, со новата концепција за основното образовние е поставен на маргините на образованието со тенденција да се укине. Од друга страна целта на промените во образованието се прават за да се промовира критичко мислење и креативност кај учениците, велат од Иницијативниот одбор.

Според нив, предложената идеја Ликовно и Музичко образование да се спојат во еден курикулум сè до крајот на основното образование, ќе доведе едноставно до неможност истиот да се реализира. Во неколку европски програми, постои таков пристап, но главно секаде спојувањето е ограничено на првите три одделенија. Уверуваат дека не постои европска земја каде овие два предмети се во еден, сè до крајот на основното образование.

-На состанокот со министерката во МОН се утврди дека во главно имаме дијаметрално спротивни гледишта во однос на концептот за предложените реформи во образованието. Ние како наставници сме спремни да учествуваме во креирање на реформата, меѓутоа треба да се информира јавноста дека МОН се нема произнесено по ниту една наша забелешка, изнесена во врска со концепцијата. Исто така министерката не прифати да присуствува на дебата во емисијата Топ тема на телевизија Телма, во која што имаше наш учесник. Остануваме на нашиот став дека бројот на задолжителни часови по ликовно образование никако не смее да се намали!, децидни се од Иницијативниот одбор.

Забелешките на Иницијативниот одбор на ликовни педагози има поддршка од:

1.Музеј на РСМ
2.Факултет за уметности-РСМ Универзитет во Тетово
3.Национална галерија на РСМ
4.Здружение на ликовни уметници на град Тетово
5.Друштво на ликовни уметници-Гевгелија ДЛУГ
6.Детско ликовно студио “Св.Кирил и Методиј” Мал Битолски Монмартр
7.Национална Установа -Центар за култура АСНОМ Гостивар
8.Здружение за личен и професионален развој АРС ЛУЦИДА Скопје
9.Здружението Мултимедија центар-Гевгелија
10. СОНК

 

Поврзани новости