„Лидл Северна Македонија ДООЕЛ Скопје“ купи имот на фирмата Скопски пазар АД Скопје во кај локацијата на поранешен Бриколаж за 9.564.485 евра. За зделката информираше компанијата Скопски пазар.
„Како предмет на големата зделка е наведена продажба на недвижен имот евидентиран на КП 1306/1 и КП 1306/2 КО Гази Баба и соодветно запишани на имотен лист 8882 КО Гази Баба и имотен лист 1077 КО Гази Баба. Вредноста на зделката е во апсолутен износ од 9.564.485 евра без вклучен ДДВ (или 588.911.166 денари без вклучен ДДВ),
а релативен износ од 19,30 проценти во однос на вредноста на имотот на друштвото, односно 25,04 проценти од вредноста на капиталот и резервите на друштвото определени врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото. Цената соодветствува со пазарната вредност на таков тип на зделки, наведува Скопски пазар во објавата.
Одлуката била донесена од Надзорниот одбор на Скопски пазар АД уште на 18 април годинава, а во меѓувреме на локацијата се одвиваат и градежни активности.
Ова е втора голема инвестиција на Лидл во земјава откако во јануари годинава почна со изградба на дистрибутивниот центар во индустриската зона Речица во Куманово кој ќе чини 80 милиони евра и ќе отвори околу 200 работни места.
Орце Костов