Популарната српска актерка и политичарка Лидија Вукичевиќ наредниот месец доаѓа во земјава.
Атрактивната 57-годишна актерка која што и стана позната на јавноста на почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, кога се појави на сцената во поранешна Југославија, со помали улоги во многу култни филмови, веќе кон крајот на осумдесеттите го достигна врвот на популарноста со улогата на Виолета Попадиќ во серијата „Подобар живот”.
На 10-ти ноември таа ќе биде гостинка во Скопје, во Театар Комедија, со хит претставата „Чекајќи го министерот”, а пак на 15-ти ноември ќе гостува на сцената на Центарот за култура во Струмица.
Во комедијата „Чекајќи го министерот” покрај Лидија играат и Милан Пајиќ и Семир Гигиќ.
Улогите во „Жикина династија”, „Развод на одредено време”, „Север и југ”, „Хотел со седум ѕвезди”, „Синѓелиќи” и многу други популарни филмови и серии ја одбележаа нејзината долгогодишна кариера.
Но, покрај улогите, таа е позната во Србија и по својот политички ангажман во Српската радикална странка, каде важи за истакнат член, а извесен период во 2007 година беше и пратеник.
Беше во брак со фудбалерот Митар Мркела со кого ги има синовите Андреј и Давид, а неодамна за српските медиуми откри дека е во среќна врска со петнаесет години помлад маж.
Вики Клинчарова