Популарната музика група од Тиквешијата „Ориентал Бенд“ и нивната вокалистка Лидија Паскова прославија 12 години од постоењето.
Седумчлената група без која не поминува свадба, крштевка или приватна свеченост во Кавадарци и Неготино, но и пошироко, секоја година со славеничка торта го одбележува денот од нивниот заеднички почеток на естрадата.
Годинава, горди на својата дванаесеттка, посебно во времиња кога се поретки се поголемите музички групи, првенствено поради финансиски аспект, па се почесто се сведуваат на двајца или тројца членови, Лидија и Ориентал порачаа дека тие заедно се најсилни и функционираат уиграно и беспрекорно.
Бендот освен на семејни забави, има и настапи во локали, а поради богатиот репертоар лесно се вклопуваат во секаква атмосфера, и изведуваат и рок и фолк песни, по желба на публиката.
Познати се по своите енергични сценски изведби, па затоа и зад себе имаат гостувања на над 1.000 свадби. Фотографиите од расположените младенци секогаш ги објавуваат на својата страница, која е како весел свадбен албум на кој се овековечени веселите моменти кои ги приредиле.
Инаку, Лидија и стана позната на јавноста пред повеќе од 15 години, кога беше вокалистка на култната група „Багаж“. Кога започна со настапите со „Ориентал Бенд“ за „Фокус“ изјави дека се пронашла во групата, а тимската работа придонела сите заедно да функционираат со голем елан, мотивирани да прават забави за кои долго ќе се зборува.
Зад себе имаат повеќе авторски песни, како и учества на музички фестивали.
Вики Клинчарова