Во Собранието во тек е средбата на премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски со лидерите на парламентарните политички партии, на која треба да се разговара за европскиот пат на земјава, како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк политички и општествен консензус. На средбата присуствува и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
На средбата присуствуваат лидерите на ДУИ, Али Ахмети, на ДОМ, Маја Морачанин, на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Алтернатива, Африм Гаши, на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, на ДПА, Мендух Тачи, на Алијанса на Албанците, Арбен таравари, на ВМРО-НП, Љупчо Балковски, на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, на НСДП, Горан Мисовски, на ГРОМ, Стевче Јакимовски, на Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, на ЛДП, Моника Зајкова, на Партијата на пензионерите, Илија Николовски. На средбата не присуствуваат лидерите на Левица Димитар Апасиев и на Беса Биљал Касами.
– Средбата која ја свикува претседателот на Владата, се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус, соопшти Владата во најавата за свикување на средбата на 2 ноември.
Фото – МИА