Лидерска средба без договор за уставни измени

by Fokus

Без договор за уставни измени и заеднички заклучоци, но со поединечни барања, меѓу кои и за предвремени парламентарни избори и за официјално барање од Софија за признавање на македонското малцинство, заврши лидерската средба што на иницијатива на премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски се одржа вчера во Собранието.

На поканата на премиерот за средбата која ја иницираше за дискусија за европската иднина на државата и за одлуките што треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус не се одзваа само лидерите на Левица, Димитар Апасиев и на Беса, Биљал Касами.

Пред лидерите беа изнесени детали за евроинтеграциите, справувањето со енергетската криза, основните претпоставки во буџетот за 2023 година, антикризните мерки, а претседателот на Собранието ги објаснил и процедурите и постапките за евентуални уставни промени во државата.

Ковачевски, по средбата, изјави дека побарал договор за национално единство за ЕУ и одговорност од сите, Собранието да функционира непречено, сите пратеници да се вклучат во носење на законите, а темата за ЕУ да не биде терен за дневна политика.

Нема заеднички заклучоци од средбата со кои побарал од парламентарните партии зачленувањето во ЕУ да се смета за надпартиски интерес и сите чинители да дадат целосна поддршка.

За него е клучно што се седнало на маса и се разговарало и тоа според него е позитивен сигнал и кон граѓаните.

-Потребна ни е инклузивност и по темата за ЕУ секако, а не терен за политички борби и пресметки. Не смееме да дозволиме уставните измени на кои се обврзавме со европскиот предлог со заклучоците од Собранието, да бидат пречка која самите ќе си ја поставиме. Првпат одлуките зависат само од нас, а блокадата ако се случи, ќе ја направиме ние. Вие веќе знаете, доколку ги изгласаме уставните измени, автоматски одиме понатаму, се отвораат кластерите, без потреба од нова одлука и без можност за нова блокада од Бугарија. Треба да бидеме мудри и да го искористиме поволниот момент и атмосфера која ја има во ЕУ во наша полза, изјави Ковачевски по средбата.

Истакнувајќи дека не може да каже како ќе се однесуваат политичките партии во однос на одлуките што треба да се носат, а се однесуваат на ЕУ и уставните измени, рече дека верува оти РСМ ќе изнајде сила за да може да продолжи по својот европски пат.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, го повтори барањето за предвремени парламентарни избори, што според него е логично бидејќи власта нема мнозинство за  уставни измени.

– Мнозинството нема мнозинство за уставни измени и водејќи се од овој заклучок логичен след на настаните е Парламентот да се распушти, да формираме техничка влада и да одиме на предвремени парламентрани избори, изјави Мицкоски.

Тој ја криткуваше власта дека наместо за реални проблеми на граѓаните на лидерската се разговарале за отворање на Уставот и бараните уставни измени. Нагалси дека е задоцнета средбата бидејќи како што рече, консултации со парламентарни политички партии, се прават пред да се носат одлуки.

Го поддржал предложениот заклучок што го изнел на средбата пратеникот и претседател на Демократски Сојуз, Павле Трајанов  да се побара од бугарската Влада да го признае македонското малцинство во Бугарија и при тоа, да ги признае правата кои што се резултат на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур.

За Трајанов, во целина добро е што претседателите на политичките партии разговарале, но проблемот е што за ниту едно прашање не се изградил заеднички став. Смета дека ваквите разговори треба да продолжат и дека е потребно да се направи дополнителен напор  и од СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и другите партии доколку сакаме единство.

Тој рече дека не се противи Бугарите да влезат во Уставот, но нагалси тоа да биде реципрочно и за Македонците во Бугарија.

Сугерирал и формирање на широка коалициска влада, но рече дека ДС не е таква политичка партија која може тој став да го наметне. Предложил да има предвремени избори доколку не се постигне консензус за овие прашања. Сепак, како што посочи, опстојувањето на Владата и мнозинството не зависи само од него или само од бројките. Додаде дека уште една партија чека за влез во Владата.

Коалицискиот партнер на Ковачевски и лидер на Демократската унија за интеграција Али Ахмети рече дека на средбата доминирала отворена и конструктивна дебата, смиреност и рационалност и посочи дека треба да продолжат ваквите средби до приближување на разликите меѓу мнозинството и малцинството.

– Се дебатираше за сите теми. Според моите процени, не мора да значи дека на една средба да ги оценуваме сите разлики и се разбира дека разлики имаше, меѓутоа се надевам дека оваа средба нема да биде последна, туку да се продолжи со ваквите средби се до приближување на разликите кои што постојат меѓу политичките партии за да се гради заедничка стратегија за тоа како да ја промениме денешницата, со еден подобар напредок и прогрес во иднина.

Доминираше смиреноста и рационалноста и тоа ми остави впечаток од оваа средба. Посакувам оваа смиреност да продолжи до приближување на разликите меѓу мнозинството и малцинството,  изјави Ахмети.

На средбата е разговарано и за барањето за бришење на формулацијата „20 проценти“ од Уставот, но според Ахемти, треба да се видат приоритететите во ситуацијата во која се наоѓаме.

 

Поврзани новости