Лидерска средба

by Фокус

Додека Мицкоски темелно е загнат да ги стави под партиска контрола сите државни институции, дефинитивно почнува да се губи. Не може да ги пофаќа конците што ги заплеткуваше со години, залажувајќи се и самиот себе и народот што го гласаше дека ВМРО-ДПМНЕ, кога ќе дојде на власт, ќе ги отплетка. Не само што не ги расплеткува, туку и дополнително ги замрсува.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Не ми беше јасна идејата на СДСМ со барањето за лидерска средба, поточно се прашував што очекува од една таква средба и, доколку се случи, во што јас не верувам, што со таа средба би се променило.

Ја разбирам искрената загриженост на социјалдемократите за состојбата во државава воопшто, особено за безбедносната нестабилност со секојдневните насилства во урбаните средини и сѐ поголемата неизвесност кај граѓаните за тоа до каде може да отиде работата.

Идејата, како што рече пред некој ден новиот генерален секретар на СДСМ, Димитријевиќ, била да му се прати заедничка порака на граѓанството дека сите лидери на парламентарните партии стојат единствени во заложбата да ја смируваат меѓуетничката напнатост, да го унапредуваат соживотот и дека нема да дозволат дестабилизација на државата. Убаво, ама што од тоа?

ПОРАКА ЗА МИР

И нејќеш ли, одговорот ми стигна промптно, и тоа од место од каде што најмалку го очекував. Поглаварите на петте верски заедници во земјава седнаа на „лидерска“ средба и потпишаа заедничка изјава со која ги повикуваат сите македонски граѓани да не потклекнуваат пред некои обиди за нарушување на соживотот и „сите заедно да продолжиме да ја продлабочуваме меѓусебната солидарност и да ја запазуваме почитта едни кон други, кон државните симболи на нашата татковина и кон симболите на сите етнички заедници“.

Формалност? Не! Суштинските, сериозни пораки, со смирувачки тон, како што ги личи највисоките свештени лица со различни вероисповести благопријатно прозвучеа во просториите на Македонската архиепископија.

Така седнати еден до друг, чисто како појава, како слика на едно заедништво и разбирачка ми даваат надеж дека нивниот глас ќе допре до најголемиот број граѓани, особено до верниците од сите заедници.

Е сега, да се вратам на повикот на СДСМ за свикување лидерска средба на која ќе се разговара за смирување на меѓуетничката нетрпеливост, особено меѓу младите, со јасна порака за мир и за негување на соживотот меѓу граѓаните во оваа наша Македонија.

ЗАЕДНИЧКА ФОТОГРАФИЈА

Една заедничка фотографија на лидерите, особено на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ВЛЕН и ДУИ седнати на една заедничка маса на граѓаните ќе им ја испрати најсилната порака, посилна од сите зборови разлетани ваму-таму, кои неконтролирано се множат и се надградуваат.

Но, не стасувам ни да си ја довршам мислата и веќе слушам нова вест: пукање во Чаир… ранети… кои, како?… деталите ќе дојдат подоцна. Едно е јасно: власта галопирачки ја губи контролата врз државата.

Додека Мицкоски темелно е загнат да ги стави под партиска контрола сите државни институции дефинитивно почнува да се губи. Не може да ги пофаќа конците што ги заплеткуваше со години залажувајќи се и самиот себе и народот што го гласаше дека ВМРО-ДПМНЕ, кога ќе дојде на власт, ќе ги отплетка.

Не само што не ги расплеткува туку и дополнително ги замрсува. Добро, се купува време. Се чекало во Бугарија да се изберела политичка влада, па да се седнело да се преговара. На Мицкоски не му треба никаква политичка влада.

Може слободно да преговара со кој било во Софија, ефектот ќе биде ист – Бугарите во уставот на Северна Македонија. Џабе Мицкоски им диктира на Европејциве дека бара одложена примена на уставните измени кога тие ништо не запишуваат.

Тефтерите си ги држат затворени, а плајвазот им е на уво, за секој случај ако се смилува Мицкоски да ги стави на дневен ред уставните промени.

Можеби и по тоа прашање наскоро ќе се прекрши како со „Северна“, зашто на врат му виси ВЛЕН кој притиска за брзо донесување на уставните измени.

Дури има и закани дека доколку набрзо не се заврши таа работа ВЛЕН ќе ја напушти Владата. Е, дури тогаш ќе биде весело.

Како и да е, ситуацијата во земјава е многу сериозна, особено со последните настани набиени со меѓуетничка нервоза. Не е битно чија е идејата за лидерска средба, битно е политичарите, особено оние од власта, да се клаат на ум и да седнат на заедничка маса и да воспостават еден нормален политички дијалог кој ќе ги смири состојбите во земјава.

Поврзани новости