Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC) денеска го разреши лидерот на синдикатот од Италија Лука Висентини од функцијата генерален секретар на тоа тело поради неговата вмешаност во скандалот со поткуп „Катаргајт“ што го потресе Европскиот парламент.
Висентини беше избран за генерален секретар на ITUC минатиот ноември, но беше суспендиран помалку од еден месец подоцна, откако белгиските истражни органи открија дека службениците на телото биле вмешани во скандал со корупција, мито и перење пари, пренесува Гардијан.
„На состанокот беше одлучено Лука Висентини повеќе да ја нема довербата на Генералниот совет да биде генерален секретар на ITUC “ се наведува во соопштението на ITUC.
Во декември минатата година, Висентини за британски весник изјави дека зел донација од „помалку од 50.000 евра“ од бриселската невладина организација „Фејт импунити“, која ја основал главниот осомничен во скандалот со поткуп, поранешниот италијански пратеник Пјер Антонио Панчери.
Висентини изјави дека донацијата требала да компензира дел од трошоците за водење на неговата кампања за да стане генерален секретар на ITUC, со образложение дека „на никаков начин не е поврзана со обидот за корупција, ниту имала намера да влијае на неговата позиција во Катар“. .
Еден месец по изјавата на Висентини, Панчери склучи договор за признавање на вината со обвинителите и вети дека ќе обезбеди информации за корупциската мрежа, која се вели дека вклучувала готовински плаќања од Катар и Мароко за да влијае на одлуките во Европскиот парламент.
ITUC, која има 332 организации членки во 163 земји, рече дека специјалната комисија формирана за да ги испита наводите не пронашла „никаков доказ дека донациите од Катар или Мароко влијаат на политиките или одлуките на ITUC“.
Претседателот на ITUC, Акико Гоно, рече дека настаните од последните неколку месеци „предизвикаа значителна штета на угледот на ITUC“ и вети „нови и зајакнати правила и процеси“.