Иранскиот Ајатолах Хамнеи го прими првиот човек на исламистичката терористичка организација Хамас, Исмаил Ханије, потврдија на официјалниот профил на ајатолахот на X (Твитер).
Иранските државни медиуми објавија дека Ханије, кој живее меѓу Катар и Турција од 2019 година, „го информирал Хамнеи за последните случувања во Појасот Газа и злосторствата на ционистичкиот режим во Газа, како и за случувањата на Западниот Брег“.
Исламската Република вели дека го поддржува Хамас, но немала никаква улога во ненадејниот напад на милитантите врз Израел минатиот месец.
The Leader of the Islamic Revolution, Imam Khamenei, met with the Chairman of #Hamas’ political bureau, Mr. Ismail Haniyeh, and his accompanying delegation
— Khamenei.ir (@khamenei_ir) November 5, 2023
„Ајатолахот Хамнеи ја пофали непоколебливоста и издржливоста на народот во Газа и изрази силно жалење за злосторствата на ционистичкиот режим, кои се директно поддржани од Вашингтон и некои западни земји“, објави иранската државна телевизија.
Без да прецизира кога се одржала средбата, иранската новинска агенција Тасним соопшти дека врховниот лидер на земјата Хамнеи „ја истакнал конзистентната политика на Техеран за поддршка на палестинските сили на отпорот против ционистичките окупатори“.
Иранскиот свештенички естаблишмент го предупреди Израел, на „тешки последици“ доколку продолжат нападите врз Појасот Газа.