Исмаил Ханије, лидерот на Хамас, денеска во говорот за војната со Израел, рече дека е „без сенка на сомнеж“ убеден во способноста на Палестинците да ја издржат израелската офанзива на Газа и да излезат од војната како победници, пренесува Ал Џезира.
„Ако непријателот сака тоа да биде долга битка, нашите капацитети за тоа се уште поголеми“, изјави тој.
Тој додаде дека по неколкунеделна војна и покрај „варварските“ израелски напади врз цивили, палестинскиот народ ги осуети плановите на Израел.
„Овие планови пропаднаа, а непријателот не можеше да постигне ниту една од нивните цели или да ги врати затворениците, освен по цената што ја наметнува отпорот“, рече лидерот на Хамас, зборувајќи за можна размена на затвореници.
Тој, исто така, им се заблагодари на регионалните сојузници за нивната поддршка за време на војната, без да ги именува.
Либанската група Хезболах, поддржана од Иран, започнува речиси секојдневни напади врз израелските војници преку израелско-либанската граница како поддршка на Палестинците во Газа.
„Ги поздравувам фронтовите на отпорот кои придонесоа за оваа борба преку стратешка рамнотежа“, рече Ханије во говорот, пренесе Ал Џезира.