Претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами до последен момент вчера чекал покана за синоќешната координативна средба, јави ТВ 21.
„До последен момент чекавме да видиме дали можеби и претставници на Албанците ќе учествуваат на дебатата за прашањето со името, знаејќи дека ДУИ ги нема гласовите на Албанците и повеќето гласови на Албанците се кај опозицијата, во случајов, кај Беса и Алијанса. Гледаме дека до последен момент немаше реакција од нивна страна и поради тоа, ќе излеземе со посебно соопштение“, вели Касами.
А во соопштението, испратено до медиумите се вели: Ние го разбираме фактот дека на секоја македонска политичка партија, било СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ и е полесно на средба да ја повикаат ДУИ, бидејќи им е добро позната улогата на статистот на оваа партија во овие процеси кои се многу важни за иднината на граѓаните на Македонија. Дали е ова уште еден доказ дека македонската страна секогаш ќе ја избира најпослушната партија а не таа која ги застапува гласовите на Албанците во Македонија?
Штом на оваа средба бил поканет лидерот на македонската опозиција, Христијан Мицкоски, од Алијанса за Албанците сметаат дека на средбата требало да учествува и лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Сеља.