Лидерите на земјите од Г7 бараат од Москва „итно и безусловно“ повлекување од Украина

by Fokus

Бидејќи војната во Украина продолжува повеќе од 15 месеци, лидерите на земјите од Групата 7 побараа од Русија „веднаш, целосно и безусловно да ги повлече своите сили и воена опрема од целата меѓународно призната територија на Украина“.

Велат и дека договориле нови санкции за да се „исцрпи руската воена машина“.

Од самитот во Хирошима, Јапонија, лидерите на Америка, Германија, Франција, Велика Британија, Канада, Италија, земјата домаќин, како и претставници на Европската унија порачаа дека „не може да се постигне праведен мир без целосно и безусловно повлекување на руските трупи и воена опрема и тоа мора да биде вклучено во секој повик за мир“.

„Ништо нема да не поколеба во нашата поддршка за Украина и да ни дозволи да застанеме заедно против илегалната, неоправдана и неиспровоцирана агресивна војна на Русија против Украина“, се вели во заедничката изјава.

За тоа време, украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер објави дека ја започнува својата прва посета на Кралството Саудиска Арабија „со цел да ги подобри билатералните односи“.

Еден ден претходно, руските сили го нападнаа Киев од воздух по деветти пат овој месец, а во Одеса, пристанишен град на Црното Море на југозапад, едно лице загина, а две се ранети во ракетен напад, соопштија украинските власти.

Експлозии се слушнаа и во централните региони на Виница, Хмелницки и Житомир.

Украинската воена команда тврди дека ги соборила сите руски проектили истрелани кон Киев во последниот напад.

Од Кремљ велат дека нивните проектили го оштетиле моќниот ракетен систем Патриот, со кој Америка ја снабдува Украина.

Би-Би-Си не може самостојно да ги потврди тврдењата на завојуваните страни.

Најмалку осум лица, наводно, биле убиени, вклучително и петгодишно момче во близина на Керсон, а 17 биле ранети во гранатирањето во средата.

Според украинските служби, досега во војната загинале повеќе од 480 деца.

Двете страни разменуваат обвинувања за напади врз цивилни области.

Поврзани новости