Лидерите на ВЛЕН со конечен договор ќе заминат следната недела во Косово: Двајца копретседатели и тесно претседателство со 5 члена!

„Фокус“ уште лани во ноември објави дека во рамки на ВЛЕН преовладува мислењето дека коалицијата треба да се формира како партија со двајца копретседатели – Меџити и Касами. Токму со ваков договор, дознаваме дека лидерите на ВЛЕН следната недела ќе заминат во Косово, каде се очекува да имаат средба и со Албин Курти. Дотогаш, вели функционер на ВЛЕН, треба да се испеглаат односите со дел од крилото на Алијанса и со Алтернатива, кои се залагаат за ротирачко претседателство. Според нашите информации, двајцата копретседатели на ВЛЕН треба да бидат дел од потесно претседателство заедно со лидерите на АА, Алтернатива и претставникот на Самоопределување, така што одлуките таму ќе се носат со консензус или со апсолутно мнозинство, а ако таму не може да биде постигнат договор ќе одлучува собранието со двотретинско мнозинство.

by vlatko 20:29
20:29

Во текот на следната недела, односно во првата недела на март, се очекува во рамки на ВЛЕН да биде постигнат конечен договор околу правилата и принципите под кои оваа коалиција ќе функционира откако ќе биде трансформирана во политичка партија. Како што вели за „Фокус“ висок претставник на ВЛЕН, досега имало повеќе формални и неформални средби, така што начелно е утврдено дефинитивниот договор да биде постигнат најдоцна до 4-ти март, по што претставници на ВЛЕН ќе заминат во Косово да присуствуваат на серија настани поврзани со Адем Јашари, при што ќе имаат средба и со косовскиот премиер Албин Курти.

Она што дотогаш треба да се реши и расчисти, вели нашиот соговорник, е како да се надминат предизвиците поврзани со Алијанса за Албанците и со Алтернатива, кои инсистираат ВЛЕН да делува според моделот на ротирачко претседателство, што е спротивно на договорот меѓу Беса и Демократското движење, според кој партиските лидери Биљал Касами и Изет Меџити треба да бидат на чело на партијата како копретседатели, а првите луѓе на другите субјекти да бидат потпретседатели или генерален секретар, и со тоа да бидат дел од најтесното претседателство.

–Сите субјекти во ВЛЕН се битни и имаат свој придонес, но реалноста е дека носечки столбови се Беса и ДД. Досега функциониравме партнерски, но време е да се редефинираат односите според реалноста која е моментална. Моделот со двајца копретседатели од двете носечки партии е најсоодветен засега, иако во иднина може да има нова реалност, која ќе наложи да имаме само еден лидер. Но, тоа е прашање за иднината, сега треба да ги регулираме односите во интерес на сите субјекти во рамки на ВЛЕН, но и во интерес на ВЛЕН, бидејќи како една партија многу подобро ќе се факторизираме во владата и на политичката сцена генерално – вели претставник на ВЛЕН.

Според него, досега за најголем, условно кажано, проблем се сметала Алтернатива на Беким Сали, која најмногу инсистираше на ротирачко претседателство. Но, последниот развој на настаните покажа дека поголем предизвик испаднал вицепремиерот Арбен Фетаи, кој го предводи крилото на Алијанса за Албанците кое остана во ВЛЕН, кога Арбен Таравари реши да ја напушти коалицијата и Владата. Сепак, последниве денови се подели и крилото на АА во ВЛЕН, бидејќи министерот за здравство Азир Алиу и пратеничката Мимоза Муса формираа нова фракција, која за фронтмент го протежира Илир Демири, кој неодамна се отклони од АА на Зијадин Села.

Од друга страна, пак, цела ситуација дополнително ја компликува тоа што кон таборот на Фетаи почнал да се приближува министерот за социјална политика Фатмир Лимани, кој формално е кадар на Беса, но фактички е во немилост на раководството на оваа партија и негов најсилен адут е личната релација со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој оцени дека Лимани одлично си ја врши функцијата. Сепак, доколку Алијанса, Алтернатива, делови од нив или индивидуалци не прифатат да бидат дел од идната партија ВЛЕН предводена од двајца копретседатели, т.е. од двоецот Касами-Меџити, тогаш единствена опција што им е останува е да делуваат самостојно. Сепак, во ВЛЕН засега доминира проценката дека до тоа нема да дојде.

Според нашите информации, ВЛЕН, која идеолошки ќе биде позиционирана центар-десно, ќе биде статутарно уредена со низа механизми за соодветна застапеност, но и контрола. Па така, двајцата копретседатели од Беса и ДД ќе бидат дел од потесно претседателство заедно со лидерите на АА, Алтернатива и претставникот на Самоопределување, така што одлуките таму ќе се носат со консензус или со апсолутно мнозинство од 4 гласа наспрема еден. Ако таму не може да биде постигнат договор, пак, тогаш одлуките за тие прашања ќе се носат во рамки на собранието на партијата, и тоа со двотретинско мнозинство.

Инаку, „Фокус“ уште лани во ноември објави дека во сите дискусии и анализи во рамки на ВЛЕН преовладува размислувањето дека ВЛЕН треба да се формира како партија со двајца копретседатели – Меџити и Касами. Како што напишавме тогаш, тие важат за највлијателни индивидуалци во рамки на ВЛЕН, кои воедно имаат и најсилни структури на терен, со таа разлика што Меџити е доминантен во Скопје и скопскиот регион, а Касами во Тетово и тетовскиот регион.

За потсетување, Меџити не само што на локалните избори победи во матичната општина Чаир, што се сметаше за најважна битка во албанскиот блок, туку негов сопартиец победи и во Сарај, а ВЛЕН победи и во Арачиново. Што се однесува до Касами, пак, тој победи во уште една исклучително важна општина за Албанците – Тетово, додека ВЛЕН победи и во тетовските рурални општини како Теарце, Желино и Боговиње. Иако Меџити има посилна политичка тежина, Касами го прави битен фактот што е силен во тетовската област, која спаѓа во шестата изборна единица, од каде се избирааат најголем број на пратеници-Албанци.

Меџити и Касами ќе бидат претседател и копретседател на ВЛЕН, која наскоро ќе прерасне во партија!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести