Нашата соработка е конкретна, за силен економски регион подготвен за членство во Европската Унија, констатираа премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама на денешниот онлајн состанок посветен на интензивирање на соработката за заедничко надминување на потешкотиите околу снабдувањето со храна и енергија, како и за заедничко справување со можни пожари во трите земји летово.
Лидерите, како што соопшти владината прес-служба, договорија создавање мешани меѓуресорски работни групи по кризните теми и со цел создавање заедничка агенција за привлекување странски инвестиции на Отворен Балкан.
На состанокот, присуствуваа и вицепремиерите за европски прашања и економски прашања Маричиќ и Битиќи, националниот координатор за Отворен Балкан, Марјан Забрчанец, директорот на АД „Електрани на Северна Македонија“, Васко Ковачевски и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија.
На почетокот на состанокот, премиерот Ковачевски се заблагодари за отворената поддршка која претседателот Вучиќ и премиерот Рама ја изразија во врска со модифицираниот европски предлог, информирајќи дека предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со Европската Унија, претставена од Француското претседателство со ЕУ, Владата ја проследи до Собранието на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно процедурите на Собранието.
Рама и Вучиќ, како што е наведено во соопштението, одделно ја повторија поддршката кон преземените активности на премиерот Ковачевски, односно отворањето на широки консултации со општествените чинители во државата, посочувајќи дека европската иднина на регионот е единствената добра опција за граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија.