Лидерите на земјите-членки на ЕУ денеска се собираат во Брисел за неформално да разговараат за европската одбрана во контекст на растечките геополитички тензии, особено за војната во Украина.
Неформалните собири на шефовите на држави или влади на ЕУ се наменети за размена на мислења за конкретни теми со цел да се подготви теренот за подоцнежни одлуки и законодавни иницијативи.
Новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Коста, пред преземањето на функцијата најави дека сака периодично да организира неформални состаноци на лидерите на ЕУ за да можат на мир да разговараат за актуелните теми, без обврска да носат какви било одлуки или заклучоци. Лидерите ќе се сретнат во палатата Егмонт во Брисел.
На самиот почеток на средбата ќе учествува претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, а веднаш потоа лидерите на 27-те земји ќе започнат дискусија за актуелната геополитичка ситуација. За време на ручекот ќе им се придружи генералниот секретар на НАТО Руте, со кого ќе разговараат за соработката ЕУ-НАТО.
Лидерите попладне ќе разговараат за зајакнување на европската одбрана, а вечерта ќе им се придружи и британскиот премиер Кир Стармер на работна вечера.