За датум за избори може да се дискутира само по исполнувањето на потребните услови за фер и демократски избори, смета Либералната партија, од каде бараат повлекување на аболицијата на Ѓорге Иванов и свикување на Собранието за поништување на одлуката за негово распуштање.
„Исполнувањето на овие услови не е прашање на преговори, туку почетна точка по која може да се трасира концепт и динамика на демократска транзиција во земјата со примена на препораките од Извештајот на Прибе. Тоа го потврдува и предлогот на Либералната партија од октомври 2014 за Концентрациона Влада што ќе ја спроведе транзицијата низ институциите и ќе организира фер и демократски избори во адекаватен термин. Преговарачкиот формат за излез од кризата бара проширување на неговите учесници (граѓански сектор и партии), паралелно со зголемениот ангажман од меѓународната заедница“, стои во соопштението на либералите.