Моника Зајкова, новата потпретседателка на ЛДП е млада, одговорна и комуникативна. Таа е магистер на правни науки од областа на граѓанско право, со положен правосуден испит, а во моментот е посебен советник за прашања од областа на регионалниот развој во кабинетот на Министерот за локална самоуправа. Во својата биографија не треба да се изостави и искуството како помлад соработник во Собранието на Р.Македонија, потоа надворешен советник во Собранието во рамки на Комисија за европски прашања, Законодавно-правна Комисија, Комисија за надворешна политика, Комисија за економски прашања и Националниот Совет за европски интеграции. Таа е учесник и во бројни проекти и здруженија како што е Европската женска академија за политичко лидерство и кампања (ЕWА) во организација на Европскиот либерален форум , како и учесник на првата и втората генерација на АЛУМНИ членови во рамки на Либералната политичка академија за млади.
Фокус: Како потпретседателка какви промени би направиле во ЛДП?
Како самостоен политички субјект кој постои долги години на политичката сцена , мораме неуморно да работиме на афирмација на либералната идеја меѓу граѓаните. Нашите граѓани мора да бидат информирани за придобивките на либерализмот за да може правилно да расудуваат што всушност претставува либерализмот како идеологија. Многумина од граѓаните либерализмот го третираат како идеологија која се дозволува, но либерализмот не е анархија.
Ние им должиме на граѓаните објаснување дека либерализмот е една од најстарите идеологии која го штити правото на индивидуата и која во сама по себе се дели во неколку правци вклучувајќи го и економскиот либерализам. Како ново избрана потпретседателка сметам дека партијата треба да работи уште повеќе на терен. Затоа во периодот што предстои ќе бидеме фокусирани на формирање и на нови општински организации, но и освежување на постојните, пред се со млади и свежи кадри, преку кои плански ќе делуваме меѓу граѓаните. Секако, паралелно ја продлабочуваме и меѓународната соработка преку Либералната интернационала и Алијансата на либерали и демократи од Европа(АЛДЕ) која ни е од огромно значење и преку која добиваме голема поддршка која мораме што подобро да ја канализираме преку разни алатки и методи дома. Токму во моментот со поддршка на нашите меѓународни партнери се реализираат Академии за либерализам отворени за сите граѓани, а кои имаат за цел да ја шират и зацврстат либералната идеја.
Фокус: Дали е предизвик да се биде потпретседател на ЛДП?
Да се биде потпретседател на ЛДП е огромна чест особено за човек како мене кој од дете го гаи либералниот дух. За тоа каков предизвик претставува може да кажам само – огромен, особено во време кога либерализмот во Европа зема голем замав, а во нашата земја
се уште не е толку препознатлив. Покрај предизвикот би напоменала дека и одговорноста да се биде во раководните органи на партијата е голема но љубовта и желбата да бидете дел од луѓето кои го водат она во кое сте растеле и созревале е уште поголема. Секој човек, а особено ние младите треба да чувствуваме прво лична одговорност во секојдневното функционирање како поединци за дури потоа да се вклучиме во било која дејност. Јас лично го прифатив предизвикот да бидам
потпретседател на ЛДП бидејќи целта која ја поставивме заедно со тимот (бидејќи го преферирам тимското работење наместо строгата хиерархија) е да ја издигнеме
либералната идеја на многу повисоко ниво и убедена сум дека со активности кои ги
планираме ќе успееме во тоа. Еве како најголем предизвик нека е либералните и
демократски вредности во Македонија да бидат препознаени од секој граѓанин во земјата и да се издигнат на ниво на оние во Европа.
Фокус: Кои се либералните вредности кои треба да ги негува партијата?
Сите оние вредности кои се симбол за либерален и демократски поредок како: владеење на правото и правдата, еднаквост, почитување на различностите, почитување на правата на поединецот, заштита на основните човекови слободи и права, како и правата на ЛГБТ заедницата, слобода на говор, не-дискриминација, образование, слобода на движење, слободен пазар итн.
Фокус: Го промовиравте слоганот Размислувај различно, либерално кон Европа, какви се активности ќе имате во периодот и на кои теми?
Размислувај различно, либерално кон Европа, е слоган со кој сакавме да поттикнеме отворање на видиците. Тоа значи да погледнеме малку подалеку од нашите лични размислувања и видици. Она што ние го осудуваме на прв поглед, можеби некого го прави среќен. Ќе дадам прост пример кога ќе се спомне легализација на канабис првичното размислување е дека се овозможува лесен пристап до наркотични средства, но ако размислиме поинаку легализацијата би значела и слободен пристап до канабис за луѓето кои се лекуваат со истиот. Ова е само еден пример. Како сериозен политички субјект преку овој слоган воедно ги дефинираме нашите ставови и позиционирање на политичката сцена во Македонија како политичка опција покрај двата поголеми актуелни политички субјекти. Под
овој слоган, а преку трибините и средбите со граѓани кои ги најавивме во периодот кој претстои ќе се потрудиме на граѓаните да им ја презентираме нашата визија за оваа држава, но и да излеземе малку од биполарниот свет презентирајќи ги либерални идеи кои впрочем како што и веќе напоменав се доста актуелни во земјите на Европската унија (особено во делот на економскиот либерализам и човековите права). Имено поради безидејноста на социјалистите и демохрастијаните во развиените земји либерализмот зема се поголем замав,
па така и сега, но и во иднина либералите се тие кои креираат важни европски
политики кои мора да се трудиме да ги рефлектираме и во Македонија. Македонија треба да биде држава која ќе обезбеди еднаквост, почитување и правда за сите граѓани кои живеат
во неа.
Фокус: Вие сте и еден од основачите на Либералниот институт, зошто ви е потребна една таква институција?
Долго време размислувавме што е она преку кое би можеле да ја ширими либералната идеологија и да допреме до луѓето, а тоа да не е класична политка на која гледаме дека луѓето стануваат апатични. Оттука се јави идејата за формирање на Либерален институт. На Македонија и требаат личности кои пред се знаат каде се и што сакаат. Токму во Либералниот институт се вклучи вакви личности кои го пренесуваат своето искуство и знаење на секој поединец кој ќе јави интерес да се запознае со либерализмот од секој негов аспект. Во моментот во рамки на Институтот се организираат две академии: Политичка академија за
млади и Академија за млади жени лидерки. Воедно се планирани и дебати на бројни
општествени теми кои секојдневно ги засегаат граѓаните. Како учесници на дебатите и академиите кои ги реализира Институтот се јавуваат пред се младите луѓе кои сакаат да бидат сериозни општествени чинители и двигатели на промени во општеството. Всушност тоа и беше замислата на Либералниот институтот да им овозможи на луѓето запознавање со либералните идеи, како и да ги поттикне да креираат свои, односно да ги поттикне активно да се вклучат во креирањето на политиките и да го кренат својот глас. Сакаме нашата држава да добие личности со личен интегритет и познавање на политичките идеи и позиции, во случајов, либерални. Искрено се надевам дека институтот е вистинска алатка за креирање на кадри кои во иднина ќе го трасираат либерлно – демократскиот пат на оваа држава кон Европа.
Фокус: Ако не сте партиски и политички активна, со што Зајкова би се занимавала со оглед на тоа што имате положено и правосуден испит?
Дефинитивно адвокатура. Впрочем од таму и дојдов во водите на политиката. Пред да започнам активно да се занимавам со политика имав можност краток период од 3 години да се занимавам со адвокатура. Иако во тие моменти сметав дека е тоа нешто пролазно подоцна сфатив дека всушност тоа е она што го сакам и со кое би се занимавала по завршување на политичката кариера. Уште како дете замислував дека еден ден ќе бидам во правосудните води, а омилена серија во тоа време ми беше ,, Судијката Ејми“ не знам ни дали воопшто се сеќавате. И да иако правосудниот систем на земјата е таков каде што ви налага да ја работите секоја област од правото сепак фокусот би го ставила на кривичното право кон кое имам посебна љубов.
Фокус: Според вас, кои се круцијалните проблеми кои треба да се решат во нашата земја?
Бидејќи разговарате со правник дефинитивно прво ќе го споменам правосудниот систем, кој треба да претрпи радикални и коренити промени доколку сакаме да владеат правото и правдата кои се темел на секоја држава. Решавањето на проблемот со владеење на правото и правната држава треба да се издигне на пијадесталот, тоа треба да е приоритет број еден без компромис. Без пазарења и интриги, апсолутно сите политички и општествени чинители треба да донесеме национален консензус околу ова прашање. Јавно и транспарентно да се утврдат алатките преку кои би се решил овој круцијален проблем кој во место стои со години. Имаме многу успешни примери во развиениот свет, но и во нашето опкружување, како се прави тоа. Секако потребна е само јака желба од политичките чинители. Кај мене лично постои желба за решавање на овој проблем, а имам и идеја како треба истото да се реши иако многумина со кои сум разговарала ја сметаат за радикална, сепак ќе ја презентирам на некоја од трибините на ЛДП. Очигледно е дека начинот на кој се вршеше избор на судии во изминатите години го направи судскиот ситем место на згрижување на партиски кадар, кој наместо во име на правдата носеше одлуки по нечиј налог. Со тоа се создаде правна несигурност и недоверба во правосудниот систем кој треба да е основниот темел на секоја држава.
Образовниот процес е исто така еден од круцијалните проблеми во земјата и прашање на кое малкумина му посветуваат сериозно внимание, а кое мора темелно да се решат. Ние денес имаме образовен кадар во образовните институции кој е пред се слабо платен и мотивиран за оддржување на настава, на сметка на голем број административци кои нецелисходно ги обавуваат работните задачи што значи дека имаме еден од многуте примери за дизбаланс на државниот апарат. Образованието е темел за создавање на здрави генерации. Мора да направиме се за да имаме здрава и образована младина. Потребни се сериозни промени во образовниот систем кои ќе придонесат за подигање на квалитетот на образование, тема за која исто така ќе се зборува на нашите трибини и на која ќе се понудат соодветни решенија. Ќе се навратам на администрацијата која ја споменав, а која е болна тема за нашата земја. Мораме да создадеме амбиент и услови со сериозен пристап да го искорениме феноменот на “пумпање’’ на администрацијата, а за сметка на тоа да ги поттикнеме семејните бизниси односно малите и средните претпријатија, дали преку евтини кредити, пласман и слободно движење на стоки и услуги или други алатки, со цел кадарот од јавниот сектор да го поттикнеме да се преточи во приватен. На Македонија и треба реален учинок на труд, тоа е голем фактор во креирањето на БДП. Треба да се посвети сериозни внимание на приватниот сектор и на механизмите за создавање на подобри услови за развој на истиот. Сведоци сме на зголемени инвестиции во инфраструктурата во нашата земја и тоа е за поздравување, но сепак сметам дека со подобра структурна институционална поставеност и поквалитетни законски решенија, може многукратно да се забрза тој процес. Сепак ова е тема на која во детали ќе говорат луѓето од оваа област на трибините на ЛДП.
Фокус: Која е пораката до младите како претходен претседател на ЛИДЕМ?
Ме радува фактот што младите стануваат се посвесни дека проблемите нема да им ги реши никој ако не го кренат својот глас. Има низа проблеми со кои се соочуваме како млади од една страна, но сведоци сме и дека во изминатиот период се прават напори чекор по чекор да се решат прашањата кои ги мачат младите. Има уште низа прашања кои заедно со останатите подмладоци, младински здруженија и невладини организации мораме да ги отвараме и решаваме на пример : засметување на студентската пракса или волонтерскиот стаж во работно искуство, мерки за стимулирање на младински вработувања, младинскиот стандард, формирање на старт ап центри, итно донесување на Законот за млади и низа други мерки кои би ги задржале младите во оваа земја. Мандатот како претседател на ЛиДеМ го завршувам со доставување до Собранието на Република Северна Македонија на Закон за субвенциониран студентски оброк кој можеби навидум изгледа малку, но ќе биде од голема корист за студентите, па оттука очекувам широка политичка поддршка. Воедно барам итно донесување на Законот за млади во чиј процес на изработка како младина ЛиДеМ беше активно вклучена. Не може да се дозволи Македонија да нема Закон за млади односно да се има несериозен пристап кон поднесување на истиот. На младите би им порачала да инвестираат во своето формално и неформално образование и да не бидат неми на случувањата. Сепак не сегашноста ни припаѓа на нам младите, за заедно да трасираме подобра иднина. Од нашиот ангажман зависи каква сегашност ќе живееме и каква иднина ќе креираме. Секој млад човек е засегнат од општествените случувања и треба активно да придонесува во креирањето на политиките и системот. Сите заедно треба гласно и неуморно да се бориме да создадеме подобар младински стандард во земјава. Јас навистина сакам Македонија да биде земја во која младите ќе вложуваат , а не од која ќе заминуваат. Сепак се зависи од секој нас и нашата желба за промени.
С.Т