Либан повика на меѓународна истрага за ракетниот напад врз Голанската висорамнина, за што Израел го обвини Хезболах и предупреди дека израелскиот напад врз Либан може да предизвика регионален конфликт.
Израел соопшти дека 12 деца на возраст меѓу 10 и 16 години се убиени, а 30 лица се повредени од ракета истрелана од Либан врз фудбалско игралиште во селото Маџдал Шамс.
Според Израел, станува збор за ирански проектил од типот Фалак со боева глава од 53 килограми. Според израелското Министерство за надворешни работи, Хезболах, кој ја негира одговорноста за нападот, е единствената фракција што поседува ваков проектил.
Во изјавата пренесена од официјалната Национална новинска агенција (ННА), либанскиот министер за надворешни работи Абдала Бу Хабиб повика на „меѓународна истрага или трипартитна средба на комисијата со посредство на мировната мисија на ОН во Либан (УНИФИЛ) за да се утврди вистината“ за нападот.
Министерот ја отфрли можноста дека влијателната група Хезболах, која доминира во политичкиот живот во Либан, намерно гаѓала цивили, велејќи дека од почетокот на војната во Газа во октомври таа цели само на „воените позиции“.
Тој верува дека нападот можеби бил „извршен од други организации“ или било „грешка на Израел или Хезболах“.