Кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, проектот со „Бехтел и Енка“ беше претставуван како симбол на криминал, нетранспарентност и штетно трошење на народните пари. Граѓаните слушаа ветувања дека договорот ќе биде репреговаран, дека ќе се утврди одговорност и дека ќе се стави крај на практиките кои ја чинат државата милијарди евра, велат од Левица.
Денес, реагираат од партијата, наместо репреговарање, гледаме нешто сосема спротивно.
„Истата власт која ветуваше пресврт, сега обезбедува нови средства и нови задолжувања за истиот проект. Ако договорот бил криминален тогаш, зошто денес се финансира? Ако бил штетен за државата, зошто не е изменет? Ако бил пример за лошо владеење, зошто сега се продолжува по истиот пат?
Но проблемот е подлабок од една партија и еден проект. Четириесет години не успеавме да изградиме систем во кој капиталните проекти ќе се реализираат без анекси, без дополнителни милионски трошоци и без постојано префрлање на товарот врз граѓаните. Наместо функционална инфраструктура, добиваме нови долгови. Наместо резултати, добиваме оправдувања“ е партискиот став.
Според Левица, статус кво ситуацијата продолжува. А со нea, продолжува и изолацијата на државата.
„Наместо Македонија да стане регионален центар за инвестиции, транспорт и бизнис, таа сè повеќе ризикува да стане спореден и ирелевантен фактор на Балканот. Цената на тоа не ја плаќаат политичарите. Ја плаќаат граѓаните, компаниите и идните генерации кои ќе ги враќаат долговите создадени денес“ велат од Левица.