Уставниот суд ја отфрли уставната иницијатива на Левица со која беше оспорена одлуката за промена на имињата на неколку улици во Скопје, донесена од Советот на Град Скопје во мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов.
Левица ја оцени одлуката како скандалозна и истакна дека именувањето улици по личности како Адем Демачи, Ернест Колиќи, Митхад Фрашери и Сул Хота не само што нема никаква историска врска со македонската држава, туку е и спротивно на антифашистичкиот дух на македонската борба за слобода.
Партијата нагласи дека со ваквата одлука биле избришани имиња на улици кои ја симболизираат антифашистичката борба, како „Втора македонска бригада“ и „Македонска Косовска Бригада“.
„Оваа Одлука, донесена од тогашната локална власт на СДС и ДУИ, беше популистичка мерка за мобилизирање изборни гласови од албанското гласачко тело, а воедно е спротивна на член 6 од Законот за именување на улици, мостови и плоштади. Таа ги навредува националните чувства на македонскиот народ и предизвикува раздор помеѓу етничките заедници,“ наведуваат од Левица.