Поради недостаток на кадар и лошо менаџирање на постоечките човечки ресурси, во јавните здравствени установи се чека со денови за преглед или администрација на терапија. До нас пристигна информација за случај на пензионерка, која по долг пат и многу надеж дека ќе ја прими терапијата на Клиниката за онкологија, била вратена дома без да ја добие потребната терапија. Од 6.40 часот наутро до 9.30 часот чекала за „бројче“, само за на крај да биде информирана дека сите места за терапија се веќе пополнети и дека терапијата ќе ја прими следниот ден, се вели во соопштението од Левица.
„Пациентите, вклучувајќи ја и нашата сограѓанка, беа вратени без било каква грижа или разбирање за нивната ситуација. Пациенти од цела Македонија со часови патуваат до Клиничкиот Центар во Скопје само за да дознаат дека нема да ја добијат потребната терапија и соодветната грижа. Недостатокот на медицински сестри и организираност предизвикува дополнителни трошоци за овие луѓе кои веќе се соочуваат со тешки финансиски и здравствени предизвици.
Ова не е првпат Онкологија да биде центар на скандали. Се сеќаваме на шокантните настани кога цитостатската терапија беше крадена и продавана во Косово. Таквите криминални дејства и невнимание кон пациентите ја рушат довербата во здравствениот систем.
Од непозната причина, покрај сите скандали со перење пари преку тендери на јавните здравствени установи, скандалот со цитостатиците кои се шверцувале во Косово и недостаток на медицински кадар, сепак, ресорот – здравство повторно припадна на Алијанса на Албанците, која во претходната влада беше во коалиција со СДСМ, а во новата влада е во коалиција со ДПМНЕ“, велат од партијата.