Франција би можела да има нестабилен парламент по денешниот втор изборен круг, во кој левичарската коалиција Нов народен фронт (НПФ) изненадувачки излезе како победник, што ќе ја спречи крајната десница да формира влада за првпат.
Ако резултатите на излезните анкети и официјално бидат потврдени, тоа ќе го подели парламентот на три големи блока со значително различни платформи и без традиција да соработуваат.
НПФ, која ги обединува крајната левица, Социјалистите и Зелените, треба да има меѓу 175 и 215 пратеници, велат првите проекции, кои вообичаено излегуваат точни. Иако се очекуваше голема победа на крајната десница, и овој исход е понижувачки за Емануел Макрон, чиј центристички сојуз Заедно ќе освои меѓу 150 и 180 места во парламентот.
Но, уште поголемо разочарување доживеа Националниот собир (РН) на Марин Ле Пен и Жордан Бардела, на кој со недели му се предвидуваше убедлива победа, па дури и дека може да освои мнозинство од 289 пратеници. Анкетите велат дека РН е далеку од тоа и треба да има меѓу 115 и 155 пратеници.
„Франција одлучи да не ѝ даде власт на крајната десница. Ова е победа за Нов народен фронт“, изјави претседателот на Социјалистите, Оливје Фор.
Жан-Лик Меланшон, лидерот на радикалната левица во НПФ, прогласи победа на неговиот блок и го повика Макрон да признае пораз.
„Крајната десница е далеку од мнозинството вечерва. Изборниот резултат произлезе од величествена мобилизација на гласачите. Претседателот мора да се поклони и да признае дека ова е пораз. Премиерот мора да си замине. Ние сме подготвени да владееме“, изјави Меланшон.