Левица предлага кратење на рокот на договорите на определено време, ВМРО-ДПМНЕ поддржува

by fokus

Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска расправаше по измените на Законот за работни односи поднесени од пратениците од Левица со кои се предвидува значително намалување на максималната горна граница за склучување на договори за вработување на определено работно време од 5 години на 6 месеци, а со намера, како што велат предлагачите, да се зголеми сигурноста и продуктивноста при вршењето на работните задачи на работникот.

Членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата најавија дека ќе дадат поддршка за ова законско решение, со оглед на тоа што, како што посочија, е во интерес на работниците. Од владејачките партии се согласни дека треба да има кратење на рокот на кој може да се склучуваат договори на определено време, но, посочија дека со оглед на тоа што во финална фаза е изработка на нов закон за работни односи, ќе почекаат да ги видат решенијата во овој дел. Има најави дека ќе има кратење на овој рок и во системскиот закон кој се работи, посочија тие, најавувајќи дека затоа нема да го поддржат ова решение.

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов истакна дека неговата партија го предлага ова решение затоа што смета дека на ваков начин ќе се зголеми и мотивира работникот, бидејќи, како што истакна, големо значење има сигурноста на работниот однос.

Тој појасни дека со членовите се предвидува намалување на максималната горна граница за склучување на договори за вработување на определено работно време, трансформација на работниот однос од определено на неопределено работно време по сила на закон и ислучок од овие правила кога станува збор за замена на отсутен работник поради боледување, бременост, раѓање и родителство.

Се скратува рокот од осум на пет месеци, за кој една работа може да смета како сезонска работа, како и намалување на времетраењето на пробната работа од четири на два месеци.

Имам информација, рече Крмов, дека власта размислува за кратење на овој рок од пет на околу 1 година, па затоа сме отворени да разговараме, со оглед дека ние бараме кратење на шест месеци.

Гордана Поцкова од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека нејзината партија и коалицијата ќе дадат поддршка за законското решение и оти кратењето на рокот за договори на определено време би требало да биде на шест месеци до една година.

Пратеничката Санела Шкриељ од СДСМ и коалицијата истакна дека во начело се согласува дека кратење на овој рок треба да има. Треба да се намали бројот на години, истакна таа, но и да се дефинираат услови во кои случаи може да се потпишуваат договори на определено време. Системскиот закон за работни односи, рече Шкриељ, е во завршна фаза, и ние би почекале да го видиме тоа решение.

Поврзани новости