Ја известуваме јавноста дека Политичката партија Левица, до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесе кривична пријава против министерот за внатрешни работи на Република Македонија – Оливер Спасовски, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ – казниво по чл. 353, ст. 1 од Кривичниот законик на РМ, со запретена затворска казна од шест месеци до три години, соопштија од Левица.
-Пријавениот се терети дека во својство на службено лице не го испочитувал текстот на законот и притоа свесно, злонамерно и противзаконски дозволил и овозможил промена на софтверот – системот за издавање на личните карти во МВР уште во јуни 2021 година. Со ова била извршена неповратна промена на податоците и содржината на обрасците на личната карта, барањето за издавање на лична карта и потврдата за поднесеното барање, пред да бидат донесени било какви измени на Законот за личната карта, со кои би се промениле податоците и содржината на наведените обрасци.
На овој начин, со своето свесно и комисивно деликтно дејствие – министерот Спасовски, намерно и со предумисла, извршил промена на содржината на податоците впишани во обрасците на личната карта, барањето за издавање на лична карта и потврдата за поднесеното барање, иако знаел и бил должен да знае дека наведената материја согласно Уставот претставува materia legis, утврдена единствено со Законот за личната карта. Дополнително, пријавениот постапил спротивно на начелата на законитост, професионална етика, непристрасност и објективност и економично користење на средствата предвидени во Законот за внатрешни работи.
Очекуваме надлежното ОЈО – Скопје, да ги земе предвид издржаните факти и докази наведени во кривичната пријава и, по неопходниот распит на пријавениот, како и по комплетирање на целокупната релевантна документација за овој кривичноправен настан, да покрене обвинение против актуелниот министер за внатрешни работи, информираат од партијата.