Политичката партија Левица открива дека поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, „кој важеше за близок соработник и адвокат на Сашо Мијалков“, во последниве три месеци добил 200.000 денари од општина Кисела Вода и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
– Додека градоначалникот Ѓорѓиевски одбива да воведе бесплатни градинки по иницијатива на Левица, очигледно општината може месечно да издвојува 70.000 денари за Ивица Коневски. Токму портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовски и Стоилковски, претходно го обвинуваа Коневски дека одработува за владејачкиот режим на СДСМ и поради тоа никогаш не излегол со јавна критика. Самиот Стоилковски јавно тврдеше дека Коневски поседува стан во зградата на Мајчин дом и деловен простор од 350 м2.
Токму партијата на градоначалникот Ѓорѓиевски изминатиот период тврдеше дека амнестирањето од кривичен прогон Коневски го добил поради неговиот молк против политиките на Заев. Всушност, Коневски беше еден од бившите функционери на ДПМНЕ кој тврдеше дека промената на името е завршена работа и неговата партијата треба да гледа кон иднината. Дали и за градоначалникот на Кисела Вода насилничката промена на државното име е завршена работа?, прашува Левица.