Откако ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не учествува на седниците за верификација на мандатите во Собранието, ваква одлука донесоа и двајцата пратеници на Левица, кои седниците ги нарекоа фингирани.
-За да има верификација на нови мандати мора кумулативно да постојат два акта: 1. Извештај од ДИК; и 2. Предлог од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања (која не постои, односно сè уште не е основана)!? Оваа „дива“ верификација која се случува во теков на денешниов ден се врши без вториот потребен документ, а врз основа на т.н. „Извештај“ од непостоечката Верификациона комисија на чело со Јагода Шахпаска, која има истечен мандат, односно престана да постои по истекот на Конститутивната седница! Бидејќи и покрај процедуралното укажување од страна на нашиот пратеник Димитар Апасиев – дека е правно невозможно без Комисија и без предлог да се продолжи со верификацијата – парламентарното мнозинство продолжи со овој илегален начин на работа, пратениците на Левица нема да учествуваат на фингираните седници на кои ќе бидат ставени на дневен ред овие мандати, соопштуваат од Левица.
Собранието вечерва го верификуваше мандатот на пратеникот Зекир Рамчиловиќ кој доаѓа на местото на Љупчо Николовски кој пак треба да биде дел од новата влада како вицепремиер за борба против корупцијата.
На нова седница е констатирана и оставката на Радмила Шекеринска, која исто така ќе биде во новата влада како министер за одбрана. Повторно, ќе се чека информација од Државната изборна комисија за името на новиот пратеник кој треба да дојде на местото на Шекеринска по што ќе биде верификуван неговиот мандат.
Претходно, Собранието ја констатираше оставката на мандатарот Зоран Заев.
Истата постапка за верификација на мандатите ќе се примени и за останатите пратеници кои треба да бидат дел од новата влада.