Откако ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не учествува на седниците за верификација на мандатите во Собранието, ваква одлука донесоа и двајцата пратеници на Левица, кои седниците ги нарекоа фингирани.
-За да има верификација на нови мандати мора кумулативно да постојат два акта: 1. Извештај од ДИК; и 2. Предлог од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања (која не постои, односно сè уште не е основана)!? Оваа „дива“ верификација која се случува во теков на денешниов ден се врши без вториот потребен документ, а врз основа на т.н. „Извештај“ од непостоечката Верификациона комисија на чело со Јагода Шахпаска, која има истечен мандат, односно престана да постои по истекот на Конститутивната седница! Бидејќи и покрај процедуралното укажување од страна на нашиот пратеник Димитар Апасиев – дека е правно невозможно без Комисија и без предлог да се продолжи со верификацијата – парламентарното мнозинство продолжи со овој илегален начин на работа, пратениците на Левица нема да учествуваат на фингираните седници на кои ќе бидат ставени на дневен ред овие мандати, соопштуваат од Левица.