Со седум советници од редовите на СДСМ и коалицијата, седум советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и еден советник од Левица, започна да функционира Советот на Општина Неготино.
Советникот од редовите на Левица, Леон Ристов, деновиве е во центарот на вниманието на неготинската јавност. Дали неговиот глас ќе биде решавачки во носењето на одлуките на Советот, и дали всушност гласот кој граѓаните го дале за него на локалните избори, е глас даден за ВМРО-ДПМНЕ, е често поставувано прашање.
По повод актуелностите, Ристов јавно се огласи и порача дека останува доследен на себе и ќе ги сочува принципите. Тврди дека Левица Неготино е во коалиција единствено со народот, и тоа така ќе остане. Веќе ги одредиле приоритетите, а листата со пет барања, за кои очекува испорачување на резултати во првите сто дена од мандатот на новиот Совет во општината, ја објави на својата страница.
-Бирање на вработување на јавни огласи, каде наместо партиски војници ќе се избираат најквалитетните кадри и ќе се води сметка за нивната стручност, социјален статус и карактеристики, а не партиска припадност, -Двосменско работење на шалтерите во јавните институции, -Асфалтирање и комунално решение за улиците ,,Индустриска” (Урбана зона и ,,Ида Бенчиќ”, -Снимање на секоја седница на Советот, -Донесена одлука на Совет за изградба и уредување на парк кај Спортската сала Младост.
Советникот Ристов за ,,Фокус” вели дека со овие барања се согласиле советниците од двете партии.
-Со овие приоритети, кои ги одредивме ние од Левица, се согласија и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Ако не се испорачаат резултати, од било која страна, тоа ќе значи и прекин на соработката. Јавниот интерес ни е на прво место, и ние остануваме во коалиција со народот, секогаш- порача Ристов.
Вики Клинчарова