Левица поднесе 1.111 амандмани против измените во Законот за работни односи кои се дел од договорот меѓу Владата и конзорциумот „Бехтел и Енка“. На овој начин, велат од таму, се обидуваат да ги спречат законските измени, што, меѓу другото, предвидуваат 60 часовна работна недела.
„Ова падна на Уставен суд и сега со друг закон пак ја носат. Надвор од памет. Освен тоа работниците ќе работат и во недела. За сите работници во државата ќе важат едни правила, а само за работниците на „Бехтел и Енка“ други, многу полоши. Во комбинација со другите предлог закони „Бехтел и Енка“ се како држава во држава. За нив посебен правен систем“, вели пратеникот Борислав Крмов.
На прашањето во врска со милиониските трошоци што ќе треба да ги плати државата доколку поради неносење на законите се пробијат роковите, од Левица велат Владата да си преземе одговорност за тоа.
„Истата фирма во романија за првично договорени 450 км автопат за деценија и 1,4 милијарди евра, изградила само 54. Ако не се спречи крајната сметка ќе биде и поголема и ќе ја платат работниците, и тоа најсиромашните, што работат физичка работа. И ќе умрат на работното место, ама на власта не и е гајле. На Левица како единствена работничка партија и е гајле и затоа мора да се спречи. Ние не сме криви што имаме историски неспособна Влада. Што се нафаќаат и потпишуваат секакви глупости, штетни договори за државата?“, посочува Крмов.