Години наназад, вклучително и оваа, средношколците кои се дел од тимовите што ја претставуваат Македонија на научни олимпијади ширум светот каде што го веат македонското знаме и од каде што донесуваат бројни признанија и медали, мака мачат да најдат средства за воопшто да стигнат на тие натпревари, велат од Левица.
„Наместо последните седмици пред натпреварувањата да ги вложат за што подобро да се подготват, тие се принудени да одат од една до друга врата, барајќи некој да им излезе во пресрет за да можат да ја претстават Македонија. Новата министерка за образование, Весна Јаневска, смета дека има недостаток во Законот за средно образование во смисла што во него не е предвидено доделување на финансиска поддршка од страна на МОН за ученици и нивни ментори за учество на меѓународни научни олимпијади, туку само доделување на стипендии доколку е освоено едно од првите три места, па најавува решението за овој проблем да се бара во корекции на Законот за средно образование во таа насока.
Во меѓувреме, државата годишно ја напуштаат по 2500 високообразувани млади луѓе откако успеале да поминат низ образовниот систем во државата како по минско поле! Деценски проблем е што државата нема никаква стратегија за континуирана поддршка на талентираните ученици, уште помалку да го усмери нивниот професионален развој и да ги задржи како кадри“, додаваат од Левица.
Според Левица, проблемот е системски, длабок и од суштинско значење за иднината на државата и луѓето што живеат овде.
„Ако состојбите денес се лоши, тогаш кој ќе ги промени на подобро утре? Нашата иднина си заминува преку границите со застрашувачка брзина, а државата ниту понуди, ниту, пак, сега нуди план за надминување на таквата алармантна состојба. Проблемот бара длабоки решенија, а не површни шминкања на одделни закони! Левица ја повикува новатата министерка Јаневска да собере сила и храброст за да почне работите да ги решава од корен и систематски! Во овој момент не е потребно козметички да се надополнуваат празнините што го проголтуваат еден од најважните сектори во државата, туку напротив, потребни се итни и радикални промени во образованието“, завршуваат од Левица.