Левица на Димитар Апасиев ги повика партиските членови да гласаат по сопствено убедување во вториот круг од локалните избори, но, како што истакнаа од таму, општокорисно да се следи антивладиното расположение.
„Во поглед на гласањето за градоначалници во вториот изборен круг, упатуваме на разумот и совеста на нашите членови, поддржувачи и симпатизери – истите да гласаат по сопствено убедување. Во овој момент општокорисно е да се следи бранот на антивладиното настроение на народната волја, против погубните политики на квислингот Заев и корумпираните структури на ДУИ, кои ја имаат окупирано секоја пора на општеството, за конечна детронизација на нивните мафијашко-криминални клики во заминување“, соопштија од Левица.
Од таму додаваат дека партијата има склучено само коалиција со народот и со граѓаните и затоа одбиваат каква било формална коалиција со кој било друг политички субјект.