Двајцата пратеници од Левица до Собранието поднеле декларација за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии.
Пратеникот Димитар Апасиев вели дека декларацијата содржи 10 точки и дека се очекува таа да биде на дневен ред на 20. седница на Собранието, која би се одржала на почетокот на ноември. Тој најави дека во следните денови за ова ќе разговараат со пратеничките групи во Собранието.
Декларацијата предвидува Собранието да го отфрли бугарскиот т.н. објаснувачки меморандум за односите со нашата земја, во контекст на проширувањето на ЕУ и процесот на асоцијација и стабилизација упатен од страна на официјална Софија до земјите членки на ЕУ.
Исто така, декларацијата предвидува дека македонското име, јазик, култура, идентитет, историја, национална свест и самобитност се апсолутно суверено нераскинливо и неотуѓиво универзално колективно право на македонскиот народ, кое не може и не смее да биде дел од никаква странска билатерална агенда или, пак, мултилатерална преговарачка рамка за членство во кој било меѓународен сојуз или организација.
Од претседателот на државата во декларацијата се бара да биде поактивен во одбрана на македонските национални интереси на меѓународно ниво, од македонската страна да биде отворено прашањето за правата и статусот за непризнаеното македонско национално малцинство во Бугарија, а се истакнува и „суштинската потреба од носење на стратегиска македонска платформа за националните интереси на македонскиот народ од страна на лидерите на политичките партии во Македонија, а во која ќе се дефинираат државните црвени линии“.
Со декларацијата се бара итно запирање со работа на заедничката меѓувладина експертска комисија формирана со Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија, се повикуваат сите релевантни академски и научно-образовни институции, медиумите и невладините организации во борба против негирањето и злоупотребата и искривоколчувањето на минатото со цел, како што се наведува, ширење на непотребни тензии, непријателска пропаганда и ксенофобија од позиција на моќ.
Доколку биде донесена оваа декларација, како што наведе Апасиев, би се побарало таа да биде доставена до ОН, Советот на Европа, ЕУ, ОБСЕ/ОДИХР, Европскиот парламент, до земјите членки на ЕУ…