Левица инсистира итно да се прекинат преговорите со Бугарија од страна на делегитимираната македонска Влада, велат од опозициската партија, додавајќи дека доколку откажувањето од македонското име, знаме, народ, историја, јазик и идентитет се условите за зачленување во Европската Унија, тогаш, како што велет, не ни треба ЕУ.
„Членувањето во меѓународните организации, кои практично треба да бидат гарант за еднаквоста помеѓу земјите-членки, покажа исклучителна неприменливост во пракса. Интеграционите процеси за членување во овие организации е преобразено во фази кои го разнебитуваат македонскиот идентитет“, велат од Левица.
Од таму посочуваат дека процесот на разнебитување на македонската држава, народ и нација започнал уште по прогласувањето на независноста, продолжил со Охридскиот договор и кулминирал со Преспанскиот договор.
„Бугарскиот премиер пред пратениците во бугарското собрание го кажа она што делегитимираната власт на СДСМ и ДУИ го спроведува зад грбот на македонскиот народ. Односно, сподели дека Ковачевски продолжува по стапките на Заев и прифатил Бугарите да бидат внесени во македонскиот Устав, најавувајки преговори на заедничката историска комисија, која веќе има изготвени текстови и дека разговори за македонското малцинство во Бугарија се недопустливи“, стои во партиското соопштение.