Левица бара оставка од Тошковски: „Покажа дека нема ниту капацитет, ниту визија да спречи инциденти“

by Fokus

По вчерашните инциденти за време на прославата на Денот на албанското знаме, со реакции се огласија и од Левица. Од партијата го осудуваат сквернавењето на државното знаме и бараат итна оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Бализам, иредентизам, шовинизам, сецесионизам беа пораките кои одекнуваат во неколку градови во Македонија, а најмногу во Скопје, за време на вчерашното дивеење по повод „прослава“ на Денот на албанското знаме. Министерството раководено од Тошковски, во име нa коалицискиот мир и стабилност во Влада, покажа дека нема намера, ниту капацитет, да ги обезбеди безбедноста и достоинството на македонските граѓани.

Во моменти кога граѓаните бараа одговори и реакција, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски избраа молк и кукавички се сокрија од јавноста. Нивната коалиција со структури како ВРЕДИ, кои отворено дивееја и ја понижуваа Македонија, само го потврдува нивното учество во организираниот хаос“ велат од Левица.

Од партијата го повикуваат обвинителството да постапи според член 319 од Кривичниот законик, согласно којшто загрозувањето на сигурноста, подбив со националните, етничките и верските симболи, сторителите се казнуваат со затвор од една до пет години.

„На фотографиите и видеата, јасно се гледаат лицата и регистарските ознаки на автомобилите, што овозможува МВР да ги идентификува сторителите. Доколку ова не биде направено, тогаш власта станува соучесник во ваквите настани“ додаваат од Левица.

Државата, како што посочуваат, не смее да си дозволи сервилност додека се сквернават националните симболи, се спроведува неред и насилство и се кршат законите.

Според Левица, Владата која не може да обезбеди ред во еден ден, не може да ја води државата низ сложени политички и безбедносни предизвици.

„Министерството за внатрешни работи, под водство на Тошковски, покажа дека нема ниту капацитет, ниту визија да спречи инциденти. Оттука, по низата претходни скандали и неразјаснети престрелки во градот, бараме итна оставка на министерот Панче Тошковски!“ порачаа од Левица.

Поврзани новости