Левица бара одговор од МАНУ: Дали Делчев е македонски револуционер или вашите учебници се лажни?

by Фокус

По повод актуелизирањето на прашањето околу националниот идентитет на револуционерот Гоце Делчев во рамки на македонско-бугарската комисија за историски прашања, од политичката партија Левица преку писмо се обратија до МАНУ да се произнесе како најкомпетентна установа за оваа проблематика.

„Јасно е дека никој не спори дека големиот револуционер Гоце Делчев бил воден од левичарски идеали, односно дека бил социјалист. Конкретно, проблемот е што учејќи од вашите учебници знаеме дека Делчев е македонски револуционер. Исто така, опсервирајќи ги вашите научни кариери се гледа дека на голем дел од вас, животните кариери се базирани на научни трудови на оваа проблематика и не само за овој револуционер, а со тоа вие сте го заслужиле и статусот кој го имате во општеството и ги оправдувате финансиските средства кои ги одвојува работниот народ на Република Македонија за вашата установа. Поаѓајќи од сите овие факти, а воедно и молкот кој го има од ваша страна по однос на конкретното прашање, ние како партија се соочуваме со конкретен проблем, а тоа е да излеземе со став за Гоце Делчев, а притоа да не ја дезинформираме јавноста“, стои во писмото.

На крајот на писмото, Левица го упатува следново прашање до академците: „Дали учебниците и вашите научни кариери се лажни и неаргументирани, а со тоа Делчев е бугарски револуционер, или се вистинити и поткрепени со научни факти со што Делчев останува македонски револуционер, како што ние и го знаеме?”.

Поврзани новости