Новоформираната левичарска партија Левица во соопштение по повод празникот 8-ми септември, се осврна на положбата на работниците во земјава во изминативе 25 години.
Од партијата велат дека овој период минал во осиромашување и обесправување на работниците, бидејќи како што велат, Македонија стана рај за странски инвеститори, а пекол за работниците.
– Во Македонија власта се фали пред странските инвеститори со тоа колку евтина работна сила има, со тоа колку малку треба да го платат трудот на работниците за уште повеќе да се збогатат. Па зарем потоа зачудува што во Македонија класните разлики меѓу богатите и сиромашните се меѓу највисоките во цела Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз? Во Македонија во последните години, секој осми ден умира по еден работник на работното место. За какви воопшто стандарди на почитување на работничките права да зборуваме во таков контекст!?
А синдикатите станаа немоќни, пред сè бидејќи во најголем број случаи се окупирани од синдикалната бирократија, која примарно се грижи за сопствените фотелји и која и’ седеше во скутот на секоја од досегашните влади, штитејќи ја власта од работниците, а не работниците од власта и капиталистите – стои во соопштението на Левица.
Ако им дозволиме, овие наводни патриоти набрзо ќе воведат црна диктатура во Македонија и ќе ја закопаат иднината на нашата земја, велат од Левица.