Левичарот Лула го победи Болсонаро и стана претседател на Бразил

by fokus

Луис Инасио Лула да Силва е новиот претседател на Бразил. Во вториот круг од претседателските избори го победи Жаир Болсонаро, кој не успеа да го добие вториот мандат.

Кандидатот на левицата Лула освои 50,83 отсто од гласовите, додека за десничарот Болсонаро гласаа 49,17 отсто.

Ова е резултат на нешто помалку од 99 отсто од преброените гласови, потврди Врховниот изборен суд во Бразил.

Лула беше претседател на Бразил од 2003 до 1 јануари 2011 година.

Потоа ја напушти функцијата со поддршка на јавноста од повеќе од 80 проценти.

Во Бразил нема ограничување на вкупниот број мандати на претседателот на државата, но лице по два последователни мандати нема право на трет.

На претседателските избори во 2018 година, Лула не можеше да учествува бидејќи беше осуден на затвор за корупција, што потоа му овозможи на Болсонаро лесно да победи. Во 2021 година Врховниот суд ја поништи пресудата против Лула, заклучувајќи дека судијата бил пристрасен и во дослух со обвинителите.

Американскиот претседател Џозеф Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон… му ја честитаа победата на Лула на претседателските избори.

Поврзани новости