Еврејската религиозна група Лев Тахор составена од околу 40 лица, по негостопримливиот дочек во Куманово, а потоа и во Скопје, сега е сместена во хотел во Лакочереј, Охрид.
Веста ја објавија тамошните портали, а дека групата престојува во Охрид, за „Фокус“ потврдија и од СВР Охрид. Сепак, за повеќе детали, односно колку долго луѓето ќе престојуваат во Охрид, и дали има било какви официјални поплаки од населението, не упатија да побараме одговор од Тони Ангеловски, помошник на министерот за односи со јавност.
Ангеловски пак, не одговори на нашите телефонски повици, со цел да ги добиеме одговорите на прашањата кои деновиве ги мачат охриѓани.
На страниците посветени на Охрид, реакциите кои ги оставаат граѓаните, поврзани со групата се поделени. Додека едни повикуваат на разбирање и толеранција, други се загрижени поради разните шпекулации кои се поврзуваат со оваа религиозна група.
Некои стравуваат за безбедноста на своите деца, други бараат одговор од каде и на кој начин се финансира групата, трети прашуваат колку долго ќе останат овде…
Помеѓу лавината од коментари, има и такви кои на шега велат Лев Тахор да остане и да ја причека сезоната за берење на јаболки, бидејќи редовно имаат недостиг на работна рака, па да помогнат за време на јаболкоберот.
Откако на почетокот на месецов групата од Босна дојде во Куманово, наиде на неприфаќање од локалните жители. Од таму, со полициска придружба беа пренесени во Скопје, бидејќи им била загрозена безбедноста.
Пред домот во кој престојувале постојано имало љубопитни граѓани, а некои фрлале со јајца и камења по куќата.
Од МВР тогаш појаснија дека групата не претставува никаква опасност и се апелираше на толерантност и солидарност.
Вики Клинчарова