Летувањето во Маврово станува луксуз за Македонецот: Хотели со цени од 2.000 евра за десет дена за едно семејство!

by fokus

Летувањето во Маврово и уживањето во македонските природни убавини станува луксуз за љубителите на планинскиот одмор. Според ценовниците на познатите хотели во Маврово, десет-дневно летување за едно семејство, со ноќевања и појадок, изнесува од 1.200, па се до над 2.000 евра.

Во понудите не се вклучени ручекот и вечерата, со што сумата за летување на едно четиричлено семејство, на пример, ќе биде значително повисока од тие 1.000 или 2.000 евра, а понудите можат да се видат на страницата на Букинг.
Во понудата се вклучени 22 сместувачки капацитети, од кои шест хотели, а останатите се вили и апартмани.

Оние кои се одлучиле за сместување во приватни вили или апартмани во Маврово летово, можат да најдат сместувачки капацитети за 400, 500, 700, 900, па се до 2.600 евра за десет ноќевања, цени со кои овој туристички центар може да им парира на светски познатите летувалишта во Египет, Тунис, Дубаи, Сицилија… (Актуелни се аранжманите за Сицилија за 500 евра).


Понудите во туристичките агенции во земјава за овие популарни летни дестинации, најчесто вклучуваат авионски билети, девет ноќевања, појадок, ручек и вечера, а пакет аранжманите за едно четиричлено семејство се движат од 1.000 до 1.500 евра во модерно опремени хотели покрај море.

Маврово е познато по природните богатства, и во летниот период е идеално место за бегство од горештините, но за просечниот македонски стандард, само како место каде може да се помине некој викенд, а не и дестинација каде би се поминал целиот летен одмор од десет дена или пак две недели.

Во минатото сместувачките понуди беа ограничени, додека последниве години покрај хотелите се нудат на располагање се повеќе вили, апартмани и гостински куќи. Но, и растот на конкуренцијата не придонесува за намалување на цените.

-Неспорни се убавините на Маврово во лето, свежиот планински воздух, планинарење, планински велосипедизам, прошетки, па и водени спортови и параглајдинг. Но, едно семејство да помине десет дена овде, навистина е премногу за буџетот на просечниот граѓанин. Мораме да се задоволиме со еден викенд, раскажуваат велосипедисти кои секоја година редовно го посетувале овој наш туристички центар.

-Има модерни хотели каде цената за ноќевање по лице се движи од 80 до 120 евра. Тоа се цени кои се актуелни и во зима, кога местото е атрактивно како ски центар, но истите цени се и во лето во повеќето хотели. Актуелни се одредени викенд промоции, намалени цени за две ноќевања, сепак, генерално гледано, семејното летување во Маврово за поголемиот дел од граѓаните е луксуз- раскажуваат љубители на планинскиот одмор.

Вики Клинчарова

Поврзани новости