Кошаркарската репрезентација на Франција го претрпе вториот пораз на Светското првенство и со тоа ги загуби шансите за пласман во следната фаза од планетарниот собир. Сребрената селекција од последните ЛОИ во Токио, не ја мина групата.
Во првото коло „галските петли“ убедливо беа поразени од Канада, а денеска Франција доживеа шокантен пораз од Летонија со 86:88.
Франција беше голем фаворит за победа и водеше од самиот почеток на средбата. Го контролираа резултатот, во последната четвртина водеа со убедливи 74:62, но и тоа не беше доволно.
Летонците стигнаа до минус еден (77:76), па следуваше драматичен финиш.
При водство на Франција од 86:83, Летонија со серија од 5:0 стигна до 88:86, што се покажа како конечен резултат.
Тоа беше и прво водство на Летонија на овој меч – доволно за победа над фаворитот.
Летонија и Канада со по максимални четири бода се пласираа во следната фаза, а Франција и Либан ќе разигруваат за пласман.