„Лет во место“ на Стефановски, инспирација за грандиозна изложба на Темков

by fokus

Владимир Темков, еден од најплодните ликовни уметници од Кавадарци, со изложба во родниот град одбележа два јубилеја, 60 години живот и 40 години творештво. Изложбата содржи 60 слики, инспирирани од неговата прва слика на тема птици, а пак првата слика била инспирирана од делото ,,Лет во место” на неодамна починатиот драматург и писател, Горан Стефановски.

Темков досега реализирал над 70 самостојни изложби и учествувал во повеќе од 200 групни изложби, како и бројни ликовни колонии во Македонија и во странство. Самостојната изложба на академскиот ликовен уметник беше отворена во петокот, во Галеријата при Домот на културата ,,Иван Мазов – Климе“, каде присуствуваа голем број на почитувачи на неговото дело. Пред нив се обрати академик проф. др. Блажо Боев.

-Ова е град кој дал многу уметници. Оние кои го водат градот и кои во иднина ќе дојдат, треба да знаат дека културата на еден град не се улиците и куќите. Градот го чинат четири основни столбови кои треба да ги има заеднициата. Градската култура содржи неколку основни елементи, а тоа се квалитетно образование, урбанизиран здравствен систем, и да имате култура и уметност. Културата и уметноста се основен двигател на градот и го прават она што значи градска средина. Ако гледате во сликите на Темков, буквално во секоја од нив ќе забележите по една птица. Во психологијата постои еден тест во кој треба да наведете три животни кои први ќе ви паднат на памет. Само мал број избираат птици, но сите кои ги избрале, станале уметници. Птиците се суштества кои имаат стремеж кон височините, небото и слободата. Со своето творештво Темков придонесе овој град да биде град со сите свои елементи– порача Боев, осврнувајќи се на многуте големи имиња во уметноста, врвни академски сликари и вајари кои потекнуваат од Кавадарци, како Шемов, Мазев, Темкова, Чемерски, но и помладите генерации како Стефанов, Самарџиев, Соколов и други.

-Имав разговор со новинар, кој ми постави прашање – Господине Темков, многу од уметниците заминаа во странство, надвор од Кавадарци, а вие останавте, која е причината? Сега, кога ве гледам сите вас тука, го добив одговорот. Каде и да отидам да правам изложби, вакво друштво нема. Бев и во Париз, Њујорк, го видов светот, ама без роднините и пријателите кои дојдовте оваа вечер, никаде не можам да направам вакво отворање. Тоа е одговорот зошто останав во Кавадарци – изјави Темков.

Вики Клинчарова

Поврзани новости