Фудбалерот на Пари Сен Жермен, Лионел Меси следната сезона ќе игра во Саудиска Арабија, изјави за агенцијата „Франс прес“ извор близок до преговорите.
Изворот го нарече договорот „огромен“, а според извештаите, преселбата на 35-годишниот аргентински напаѓач во богатата земја од Персискиот залив е „завршена работа“.
„Договорот е неверојатен. Огромен е. Сè уште финализираме неколку детали“, рекол изворот, кој сакал да остане анонимен.
Оваа потврда доаѓа еден ден откако шпанските медиуми објавија дека Меси кариерата ќе ја продолжи во Ал Хилал.
Според извор од ПСЖ, Меси ќе остане во францускиот клуб до истекот на неговиот договор, на 30 јуни годинава.
Меси долго време е под договор со Саудиската туристичка организација, а од декември минатата година во таа земја настапува поранешниот играч на Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид и Јувентус – Кристијано Роналдо.
Роналдо (38) се пресели во Ал Наср на крајот на минатата година, а медиумите пишуваат дека Ал Хилал нуди 400 милиони евра годишно за доаѓањето на Меси.
„Преговорите не траеја толку долго како со Роналдо“, вели изворот од Саудиска Арабија, додавајќи дека како и кај португалскиот напаѓач, парите се од државниот фонд на Саудиска Арабија.