Еден од најпознатите српски изведувачи од екс-Ју простори, автентичен и со гласот и во појавноста, Лео Мартин (82), годинава на „Охрид фест“ ја добива наградата за безвременски хит.
– Композицијата „Одисеја“ евидентно стана евергрин добивајќи уште едно признание, а „Охрид фест“ останува доследен на својата цел да ги испочитува големите имиња од минатото, сите оние што оставиле траг во музиката, велат од организацијата на фестивалот.
Лео, чие вистинско име е Милош, пред доаѓањето во Македонија, открива дека има многу спомени врзани со нашата земја, а овде живеел и неговиот син со семејството.
-Учествував на Скопски фестивал, и тоа со забележителен успех, се сеќавам на песните „Да нема разделби“, „Билјана“… Во Охрид бев во рамките на турнеја на ,,Практична жена,, и тоа траеше една недела. Охрид е прекрасен, се радувам што ќе го видам повторно.
Околу прогласувањето на ,,Одисеја” за безвременски хит на ,,Охрид Фест 2024”, можам да кажам дека тоа е вонввременска песна. Ја пеат и стари ама и млади, на разни натпревари. Тоа е добро бидејќи и даваат надеж на добрата музика која се слуша.
За жал, денес музиката повеќе се гледа одошто се слуша и тука престанува музиката. Што се однесува до фестивалското признание, се разбира дека бев почестен што „Одисеја“ е прогласна за безвременски хит. Навистина ми е голема чест, вели музичарот, кој во своето богато музичко портфолио ги има хитовите „Лаку ноќ драги“, „Ја те волим“, „Збогом“…
Раскажува дека првите плочи почнал да ги снима во странство во 1968 за CBS, „Let Me Stay“ и други песни кои по лиценца пристигнувале во Југославија.
-Домашната кариера ја започнав со песната „Волите се људи“ од Корнелије Ковач, потоа „Барбара“ од Вељко Вујичиќ, а потоа започна најуспешен дел од мојата кариера, соработката со Војкан Борисављевиќ- „Одисеја“, „Ја те волим“, „Збогом Кристина“, „Лаку ноќ драги“, „Добро вече мој животе“, „Песмо моја“ и други.
Тоа е периодот на кој најрадо се сеќавам. После толку многу песни, турнеји, концерти… искуство…
Оние кои допрва започнуваат музичка кариера, би ги советувал ако мислат да се занимаваат со музиката цел живот и да остават некаква трага, тогаш таа работа треба многу серизно да ја сфатат. Да се музички и секако образувани, точни и талентирани. А треба многу да се работи, да се вежба, да се слуша. Во спротивно, се е со кус здив и губење на време, истакна Лео Мартин.
Со песната ,,Одисеја” за која ја добива наградата на ,,Охрид Фест”, требало да настапи на Југословенскиот избор на Песна за Евровизија во Опатија, во далечната 1973 година. Но, поради болест, не можел да присуствува на настанот, а песната сепак стана една од најпопуларните во поранешна Југославија.
Вики Клинчарова